ВАРДАР СО ЧАРТЕР ЌЕ СЛЕТА ВО СКОПЈЕ ВО 18.50 ЧАСОТ, ГРАД СКОПЈЕ ГО ПЛАТИ ЛЕТОТ 39.500 ЕВРА

    ВАРДАР СО ЧАРТЕР ЌЕ СЛЕТА ВО СКОПЈЕ ВО 18.50 ЧАСОТ, ГРАД СКОПЈЕ ГО ПЛАТИ ЛЕТОТ 39.500 ЕВРАИгор Карачиќ го подига шампионскиот пехар додека неговите соиграчи се радуваат во Ланксес арената во Келн по освојувањето на втората европска титула за Вардар. (Фото: ЕПА)

    Ракометарите на Вардар попладнево во 18.50 часот ќе слетаа во Скопје. Град Скопје за ракометарите обезбеди чартер лет за кој од буџетот ќе бидат одвоени 39.500 евра.

    Како што најави градоначалникот Петре Шилегов на Плоштадот Македонија ќе се организира дочек на ракометарите за што се одвоени 2 милиони денари, а ракометарите од Градот ќе бидат наградени со 6 милиони денари.

    Ракометарите на Вардар вчера по вторпат ја освоија титулата европски првак откако во финалето на завршниот турнир во Келн го совладаа Веспрем со 27:24, во ситуација кога повторно, како и пред две години, им беше давана етикета на аутсајдер.

    „По историскиот успех на Вардар кој е градски клуб, на сите нас без разлика на верската, политичката и национална припадност, успеавме да обезбедиме чартер лет. Авионот од Келн ќе полета околу 16.30 часот а ќе слета во 18.50 часот. Сакам да порачам на прославата да ги пречекаме ракометарите достоинствено без навредливи скандирања, на национална и друга основа. Вардар е на сите нас. Јас ги повикувам сите граѓани без разлика на верска и национална припадност да дојдат на дочекот на плоштад“, рече Шилегов на седница на Советот на Град Скопје, на која како дополнителна точка на дневниот ред беше ставено одвојување средства од Буџетот на Град Скопје за пречекот на Вардар.

    За дочекот на ракометарите ќе бидат ангажирани три двокатни автобуси на ЈСП Скопје, еден панорамски и два затворени, со кои ракометарите ќе се возат од аеродромот до плоштад.

    На прославата заедно со ракометарите ќе дојдат и коментаторите на „Арена“, кои го пренесуваат натпреварот кој не можеше да се следи на националната МРТВ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира