ВАРХЕЈИ РЕЧЕ ДЕКА БУГАРСКИОТ ЕВРОПРАТЕНИК КОВАЧЕВ МУ Е ТАЕН ПОМОШНИК, А ТОЈ ПОБАРА ДА ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ САМО СО АЛБАНИЈА

    ВАРХЕЈИ РЕЧЕ ДЕКА БУГАРСКИОТ ЕВРОПРАТЕНИК КОВАЧЕВ МУ Е ТАЕН ПОМОШНИК, А ТОЈ ПОБАРА ДА ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ САМО СО АЛБАНИЈАЕврокомесарот Вархеји на вчерашната седница на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. (Фото: Европска комисија)

    Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковaчев му е таен помошник и ќе продолжи да работи со него во обид да се надмине блокадата на Македонија за почнување на пристапните преговори со ЕУ.

    Вархеји вчера одговараше на прашања на европратениците од Комитетот за надворешни работи по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан.

    Португалската европратеничка Изабел Сантош го праша за конкретен датум за првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија.

    „За датум треба да го прашате словенечкото претседателство, јас работам на проблемот, работам да ги придвижам работите и се обидувам да ги натерам луѓето да гласаат. Ќе продолжам да работам со Андреј Ковачев, кој ми е таен соработник“, одговори Вархеји, додавајќи дека најконкретен термин што може да го каже е декември.

    И Ковачев, кој доаѓа од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, зборуваше на седницата и побара ЕУ да ги одвои Македонија и Албанија, кои одат во пакет, и да ги почне преговорите само со Албанија.

    „Ако имаме целосна согласност барем за една земја, како со Албанија, тогаш треба веднаш да ја одржиме меѓувладината конференција со Албанија. Зошто да чекаме? Ве молам колеги, да не зборуваме за проблемот со Северна Македонија како билатерален, културен или историски проблем. Се работи за проблем со основни човекови права. Не можеме да гледаме дискриминација на луѓе кои сакаат отворено да се декларираат како Бугари, страв им е да го прават тоа. Тоа не е лудо националистичко прашање кои некои луди луѓе го користат пред избори. Оливер многу добро знае за што зборувам, во Европа нема место за остатоци од диктатурата на Тито“, кажа Ковачев.

    На Ковачев му се спротивстави австрискиот европратеник Андреас Шајдер.

    „Има блокада на Северна Македонија поради домашно политичко прашање во една земја сосед, со Андреј често сме разговарале за тоа“, кажа Шајдер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира