ВАШЕТО ДОСТОИНСТВО КАКО МАКЕДОНСКИ НАРОД НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ДОВЕДЕНО ВО ПРАШАЊЕ, ВЕЛИ МАКРОН

    ВАШЕТО ДОСТОИНСТВО КАКО МАКЕДОНСКИ НАРОД НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ДОВЕДЕНО ВО ПРАШАЊЕ, ВЕЛИ МАКРОНСпоред Макрон, не се доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик. - Макрон и Пендаровски на самитот на НАТО во Мадрид (Фото: Претседателски кабинет)

    Францускиот претседател Емануел Макрон во обраќање до македонскиот народ вели дека уште од стекнување на независноста покажал голема политичка храброст и мудрост и со тоа ја заслужил почитта на цела Европа. Понатаму, тој вели дека достоинството на македонскиот народ е стекнато и никогаш нема да биде доведено во прашање.

    „Вие, македонски народe, уште од стекнувањето на независноста покажавте голема политичка храброст и мудрост. Во 2001 година го склучивте Охридскиот рамковен договор, симбол на возможен успех на едно мултиетничко општество. 18 години подоцна успеавте да најдете сили да го потпишете Преспанскиот договор и станавте триесеттиот сојузник на НАТО. Ја заслуживте почитта од цела Европа. Вашето достоинство како македонски народ е стекнато: тоа никогаш нема да биде доведено во прашање. Уште еднаш, дојде време да се направи избор и ние сме на ваша страна да ве охрабриме да направите нов чекор“, вели Макрон во обраќањето објавено од Француската амбасада во Скопје.

    Макрон вели дека Северна Македонија пак се наоѓа пред клучен момент од својата историја, 17 години по добивањето кандидатски статус за ЕУ. Францускиот претседател додава дека се отвора историска можност: влегување во активна фаза на процесот за пристапување кон Европската Унија и изборот е на македонскиот народ.

    „Имате кандидатски статус од 2005 година и тоа траеше предолго. Затоа, предизвикот сега е да влезете во нова фаза од процесот на вашата интеграција. Знаеме дека со текот на времето, одложувањата и тешкотиите, оваа европска перспектива стана предмет на сомнежи“, вели Макрон.

    Во обраќањето, тој вели дека е потполно свесен за длабочината и чувствителноста на прашањата што треба да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија и додава дека не штедел напори да се најде решение кое ќе ги почитува интересите и достоинството на двете страни. Според Макрон, со овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик.

    „Сега останува на вас Македонците да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата отсега е во ваши раце. Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет“, вели Макрон.

    За споменувањето на Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година во преговарачката рамка, Макрон вели дека тоа е направено да се гарантира негово добро спроведување, во име на добрососедските односи, кои се темел на европските вредности.

    За измените на македонскиот устав за да се интегрираат нови заедници во него, Макрон вели дека земјата веќе претставува пример за соживот во Европа.

    „Ќе треба да се изјасни македонското Собрание. Конечно е дојдено време секој да дејствува, со целосна одговорност и процена на тежината и последиците од своите постапки. Ваше е да ја донесете одлуката која ќе ја обликува иднината на Северна Македонија, за која сум убеден дека нејзина определба е да биде целосно дел од европското семејство“, завршува Макрон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира