ВЕЛИГДЕН И РАМАЗАН МОРАМЕ ДА ГИ ПРАЗНУВАМЕ ДОМА, НЕ СО ОДЕЊЕ ПО ГОСТИ, КАЖА СПАСОВСКИ

    ВЕЛИГДЕН И РАМАЗАН МОРАМЕ ДА ГИ ПРАЗНУВАМЕ ДОМА, НЕ СО ОДЕЊЕ ПО ГОСТИ, КАЖА СПАСОВСКИСпасовски апелираше граѓаните да седат дома оти само така ќе се спречи ширење на вирусот. (Фото: Влада)

    Забраната за движење на граѓаните ќе важи и за претстојните велигденски и рамазански празници. Техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција за новите мерки на Владата кажа дека тие ќе важат и за празниците Велигден и Рамазан, бидејќи само така ќе се избориме против коронавирусот.

    „Целта на мерките е да се заштити јавното здравје и здравјето на секој поединец. Годинава Велигденските и Рамазанските празници, мораме и ќе ги поминеме дома, а не собрани по роднини и со гости. Оваа година молитвите ќе ги упатиме од дома. Тоа нема да не направи послаби верници, туку напротив, сега херојство е да се седи дома“, рече Спасовски.

    Со новите мерки полицискиот час од среда ќе биде од 16 до 5 часот наутро, а за време на викендот целосно се забранува движење на граѓаните, а се забранува и групирање на повеќе од двајца луѓе на отворен простор.

    Синодот на МПЦ – ОА денеска соопшти дека укажува дека храмовите за лична молитва на верниците ќе бидат отворени, но притоа апелира одговорно да се почитува наложеното правило од државните власти во јавниот простор, во дозволените часови за јавно движење, времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание.

    „Светите Литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир. Со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците да пристапат кон Светата Причест, на начин што е веќе востановен и утврден“, соопшти меѓу другото Синодот.

    Соопштението на Синодот денеска беше објавено пред да се зголеми полицискиот час и да се воведе забраната за групирање на повеќе од двајца луѓе, па нејасно е дали Црквата ќе го коригира бројот на верници за литургија.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека Комисијата за заразни болести денеска ги предложила новите мерки имајќи ги предвид претстојните празници и сончевото и топло време.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира