ВЕРУШЕВСКИ БАРА 70.000 ЕВРА ОД ДРЖАВАТА ЗА 344 ДЕНА ПОМИНАТИ ВО ПРИТВОР ЗА ЖОЛТИТЕ КОМБИЊА ШТО ГИ КУПИ ГРУЕВСКИ ЗА ДА ГО НАБЕДИ ДЕКА ТОЈ ПРИСЛУШУВАЛ

    ВЕРУШЕВСКИ БАРА 70.000 ЕВРА ОД ДРЖАВАТА ЗА 344 ДЕНА ПОМИНАТИ ВО ПРИТВОР ЗА ЖОЛТИТЕ КОМБИЊА ШТО ГИ КУПИ ГРУЕВСКИ ЗА ДА ГО НАБЕДИ ДЕКА ТОЈ ПРИСЛУШУВАЛ„Сите се слободни, никој не одговарал до денес, а тоа на граѓаните не им дава верба да веруваат во владеење на правото во нашата држава“, рече Верушевски денеска во суд. (Фото: СДК.МК)

    За 344 дена поминати неосновано во притвор за измислениот случај „Пуч“ со наводни странски служби и жолти комбиња, поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски бара отштета од државата по судски пат.

    Тој во 2015 година, откако почнаа да се објавуваат бомбите, беше веднаш притворен, со обвинувања првин за неовластено поседување на службениот патем пиштол, а потоа и за велепредавство и шпиунажа, со цел тогашниот премиер Никола Груевски да ја убеди јавноста дека не прислушувале тој и УБК со која раководеше тогаш Сашо Мијалков, туку дека Верушевски и странски служби прислушувале.

    За оружјето беше ослободен, а обвинението за „Пуч“ го повлече Катица Јанева. Така тој и сопругата Соња Верушевска стекнаа право за отштета од државата.

    Зоран Верушевски бара вкупно 71.000 евра за секој ден поминат во притвор. Сопругата бара отштета во друга постапка во Основниот суд Скопје 2.

    Заменикот правобранител на денешното рочиште не го оспори законскиот основ за барањето на Верушевски, туку износот.

    Тој на денешното сослушување изрази разочараност што не беше доволно, како што рече, ни бегството на нарачателот на конструираниот случај „Пуч“, Никола Груевски, сите вмешани во монструозната конструкција, да одговараат.

    „Сите се слободни, никој не одговарал до денес, а тоа на граѓаните не им дава верба да веруваат во владеење на правото во нашата држава“, рече Верушевски.

    Тој ги опиша деновите поминати во притвор, голготата што ја правеше врз него тогашната владејачка гарнитура под диктат на Груевски. Го спомна дури и обидот да му се уфрли обвинение за педофилија. Рече дека не било лесно ни тие денови да се биде пријател со семејството Верушевски.

    Тој со посебна огорченост се потсети на голготата од медиумите кои го поддржуваа Груевски и неговата власт.

    „Медиумите кои ја бранеа власта беа немилосрдни. Вршеа тортура, агресија, се докусуруваше секој член од моето семејство. Овие медиуми и овие новинари секогаш ќе останат на столбот на срамот, без оглед што денеска облекоа ново руво обидувајќи се да и дадат поддршка на новата власт“, рече Верушевски.

    Истрагата за „Пуч“, каде СЈО лани во детали кажа како се конструирал, со ургентно купување жолти комбиња и прислушна опрема со пари на МВР, за да се излаже дека прислушувал Верушевски со помош на странски служби, е заглавена повеќе месеци и таа, како и десетици други, чекаат на распоредување во редовното обвинителство, откако СЈО стана нефункционално.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира