ВЕРУШЕВСКИ СВРТЕ НОВА ПЛОЧА ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“, НЕГИРА ДЕКА БИЛ ВКЛУЧЕН ВО ИЗНЕСУВАЊЕТО ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ ОД УБК И ДАВАЊЕТО НА СДСМ

    ВЕРУШЕВСКИ СВРТЕ НОВА ПЛОЧА ВО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“, НЕГИРА ДЕКА БИЛ ВКЛУЧЕН ВО ИЗНЕСУВАЊЕТО ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ ОД УБК И ДАВАЊЕТО НА СДСМЗоран Верушевски денеска ја негираше неговата вклученост во преземањето на бомбите, тврдеше дека не нему, туку бомбите Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал. - Сведокот Зоран Верушевски и обвинетиот Сашо Мијалков (Фото: СДК.МК)

    Ексразузнавачот Зоран Верушевски, за кого разузнавачите од УБК Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК што ги снимале тајно и на цедиња и усб му ги давале нему, на денешното кусо сведочење во Кривичниот суд ги негираше нивните тврдења. Ја негираше неговата вклученост во преземањето на бомбите, тврдеше дека не нему, туку бомбите тие ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал. Со Костовски, рече, и не разговарал.

    „Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Сѐ што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија“, тврдеше Верушевски, четвртиот сведок во „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување.

    Верушевски денеска рече дека во 2010 година ги добил првите информации за бомбите. Рече дека останува на исказот што го дал пред обвинителот за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч“.

    На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски рече дека сè убаво објаснил во исказот кој го дал по неговото апсење. Тој исказ не го ни знаат судиите на „Тврдина-Таргет“, но сведокот си остана на одговорот.

    Верушевски кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил чувствителни информации со кои постапувал.

    „До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“, се огради Верушевски и додаде дека по неговото притворање за „Пуч“, прислушуваните разговори биле модифицирани и компромитирани.

    Тој негираше дека некакви материјали му предал Ѓорѓи Лазаревски. Рече дека одговорноста за материјалите била на СДСМ.

    „Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година“, се огради Верушевски.

    „Документацијата беше цело време во партијата и со неа управуваше претседателот на партијата“, додаде ексразузнавачот.

    За разлика од Верушевски, Лазаревски и Костовски јасно jа опишаа во сведочењата клучната улога на Верушевски во изнесувањето на бомбите од УБК, до детали.

    Лазаревски на 6 ноември 2018 година рече дека тој и Костовски проучиле начин како да вадат податоци од прислушувањата кои биле нелегални и во огромен број.

    „Клучен елемент кога заклучивме со Ѕвонко дека нешто треба да преземеме беше упадот во А1 телевизија. Тоа беше глетка која кажа дека е дојдена власт која тешко ќе се контролира“, рече Лазаревски.

    За ова тие му кажале на Зоран Верушевски, кој се вратил од дипломатска мисија во Рим.

    „За една-две недели ние го разработивме системот за вадење. Првпат Ѕвонко експортираше прислушувани разговори на крајот на 2010 година, исклучиво смс пораки на двд. Сè беше праќано кај мене. Потоа му ги давав на Верушевски. Ги копирав на екстерен криптиран диск, го пополнував хронолошки како стигаше материјал и го чував кај мене три години“, одговараше Лазаревски.

    Тој диск Ѕвонко му го давал во ходниците на МВР.

    „Го земав и го пикнав в џеб. Ако ме прашаше некој што имам, планирав да го пукнам, скршам. Но, во сите тие изнесувања, никој не ме праша“, раскажуваше главниот сведок на СЈО.

    „При крајот на 2010 година, копираниот материјал му го дадов на Верушевски. Година дена така, а потоа копиравме на мемори стик. Табелата со нелегални разговори стана со време преголема. Во ист ден вадевме, копиравме, изнесувавме. Верушевски го викавме селектор, бидејќи беше креативен во изборот на нелегалните прислушувани разговори. Мораше да крати. Верушевски селектираше што треба. На почеток копиравме од опозицијата на СДСМ. Но, дојдовме до сознанија дека многу функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се прислушуваат незаконски. Јанкулоска и Јанакиески беа најважните што ги вадевме“, посочи тогаш сведокот.

    Следното рочиште за вкрстени прашања од обвинетите е закажано за 10 октомври.

    Обвинети во „Тврдина-Таргет“ се Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски (тогашен шеф на кабинетот на Мијалков), Владимир Варелов, Надица Николиќ, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Марјан Шумуликовски. Обвинети се и избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира