Премиерот Зоран Заев верува дека Македонија ќе стане 30. членка на НАТО и кажа дека се обврзува неговата влада да го предводи патот кон евротлантските организации во воведното обраќање на Самитот на земјите-членки на Јадранската повелба во Подгорица, на кој Македонија претседава и е кодомаќин со Црна Гора. Присуството на потпретседателот на САД Мајк Пенс на Самитот, покажува дека таа држава е верен, стратешки партнер на Македонија и на регионот, вели Заев.
„Изразувам верба и подготвеност за акција, за Македонија да биде 30-та членка на НАТО. Интеграциите во НАТО и во Европската Унија се стратешки цели за нашата држава. Новата Влада, ќе се обврзам и на овој форум, е одлучена да биде локомотивата на возот кон овие две организации, за да го осигураме добриот живот на нашите граѓан и иднината на своите деца. За да ги забрзаме интеграциите во ЕУ и во НАТО, го почнавме планот „3-6-9“ за итните реформски приоритети, што водат кон професионални и независни институции, демократизација на целото општество, а со тоа и кон квалитетен живот за сите граѓани“, изјави Заев.
Тој најави дека Македонија ќе го зголеми буџетот за одбрана и ќе го зголеми учеството во мисиите на НАТО, а ќе се интензивираат односите со земјите-членки на Јадранската повелба.