ВЕШТАЧКОТО СЕЛО НА ГРУЕВСКИ ОД 6,5 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ЗАТВОРА ОТИ НА КОНЦЕСИОНЕРОТ „ТИНЕКС“ МУ Е НЕИСПЛАТЛИВО

    ВЕШТАЧКОТО СЕЛО НА ГРУЕВСКИ ОД 6,5 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ЗАТВОРА ОТИ НА КОНЦЕСИОНЕРОТ „ТИНЕКС“ МУ Е НЕИСПЛАТЛИВОИзградбата на „Македонско село“ почна во 2011 година во времето на Никола Груевски и чинеше 6,5 милиони евра. - Никола Груевски со сопругата Боркица на отворањето на комплекстот на 22 јуни 2016 година. (Фото: Влада)

    Концесионерот на комплексот Македонско село фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ од утре ќе престане со работа оти не му се исплатело и работел со загуби.

    Утрово на официјална Фејсбук страна на комплексот беше објавено дека менаџментот донел одлука од утре комплексот да престане со работа.

    Од „Тинекс“ подоцна преку соопштение информираа дека решиле да го затворат комплексот оти работат со загуба и дека таква опција имале во договорот.

    „Согласно договорот со Службата за општи и заеднички работи, имаме можност да го раскине договорот по наше барање како приватен партнер. И покрај нашите напори, инвестиции и надеж за беспрекорно функционирање на комплексот, по извршените анализи во текот на овие две години од кога стопанисуваме и управуваме со наведениот комплекс, со жалење мора да констатираме дека работи исклучиво со загуба. Од таа причина донесовме одлука да го раскинеме договорот за јавно приватно партнерство“, се вели во соопштението.

    Од Службата за општи и заеднички работи на Владата велат дека утре ќе имаа состанок со концесионерот по што ќе бидат соопштени следните чекори. Од таму објаснуваат дека во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите „Тинекс“ и хотелот „Квинс“, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред.

    „До нас нема ништо стигнато. Од медиумите слушнав дека концесионерот престанува со работа. Закажавме состанок за утре по што ќе кажеме како ќе се постапи“, ни изјави Пеце Мирчевски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

    Изградбата на „Македонско село“ почна во 2011 година во времето на Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016 година. На отворањето, тогашниот премиер Никола Груевски кажа: „Ова ќе биде едно неодминливо место за туристите кои ќе доаѓаат во Скопје, па и во Македонија. Ефектот е постигнат. Го добивме тоа што го посакувавме“.

    Изградбата чинеше околу 6,5 милиони евра. Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување, 24.000 евра чинеа трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот и 2.700 евра беа потрошени за клупите и корпите за отпадоци.

    Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ во јануари 2016 година го добија под концесија од 20 години комлекскот „Македонско село“ за месечна кирија од 3.500 евра. На јавното наддавање тогаш учествуваа три фирми, а почетната цена за месечна кирија беше 2.000 евра.

    Владата пред да склучи договор со нив, имаше договор за концесија со „Тренд“, но фирмата се откажа и го раскина. „Тренд“ требаше да плаќа по 2.000 евра месечно, оти тоа беше највисоката понудена кирија на првото јавно наддавање. Зошто го поништија договорот, јавно не кажаа.

    Комплексот Македонско село има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови функционираат како хотел.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира