Патничкиот железнички сообраќај во земјава, викендов нема да се одвива, освен утринските возови од Велес и Кичево кон Скопје и тоа во сабота. Ова го соопштија од МЖ АД Транспорт а по воведувањето на продолжениот полициски час кој преку викенд е од 16 до 5 часот наутро.
„Се врши и времена измена во возниот ред, со тоа што патничките возови во деновите за викенд-сабота и недела, нема да сообраќаат. Исклучок од ова ќе бидат само возовите од Кичево и од Велес, кои во сабота наутро пристигнуваат во Скопје“, соопштија од Македонски железници АД Транспорт.
Во патничкиот железнички сообраќај не сообраќа возот од и кон Кочани, ниту од и за Табановце и Куманово. Поради одрон на пругата кон Битола, кај железничка станица Стари Град железничкиот сообраќај во овој правец две седмици е во прекин. Патничкиот железнички сообраќај во Македонија се одвива од Скопје кон Велес и обратно, каде сообраќаат пет возови, еден од Скопје за Гевгелија и обратно и од и кон Кичево. Директорот на МЖ АД Транспорт неодамна кажа дека дневно патуваат по 480 лица на сите линии во земјава, додека лани во истиот период бројката била 1.750 патници дневно.
П. ПЕЧКОВ