ВИШОК СЕ 3.000 НАСТАВНИЦИ, НЕМА ДА ГИ ОТПУШТИМЕ ТУКУ ЌЕ ИМ ДАДЕМЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ АНГАЖМАНИ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА

    ВИШОК СЕ 3.000 НАСТАВНИЦИ, НЕМА ДА ГИ ОТПУШТИМЕ ТУКУ ЌЕ ИМ ДАДЕМЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ АНГАЖМАНИ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА„Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците за разлика од пред неколку месеци кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реално можности за покачување на платите на наставниците“, кажа Јаневска. (Фото: МОН) 

    Во Македонија има 3.000 наставници вишок, кои работат во паралелки со 9, 12, 17 ученици и затоа е неопходна едносменска и целодневна настава, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес-конференцијата за 100 дена Влада.

    „За едносменска настава прво велев до четврто, сега велам до петто одделение да имаат целодневна настава, затоа што е познато дека нашите ученици многу заостануваат зад своите врсници во Европа. Три и пол години како да се поназад, 900 часа помалку до 15 години и се на последните места на ПИСА-тестирањето, се менуваме со Косово и Албанија. Притоа, Македонија има 3. 000 наставници вишок, кои работат во паралелки од девет, 12, 17 ученици. Со оглед дека иселувањето е преголемо во Македонија, а резултатите и на оние што ги имаме се минимални, сметам дека овие 3.000 наставници можеме да ги искористиме. Не да ги отпуштиме и уште полошо да ни биде образованието, туку да ги искористиме со дополнителен ангажман, ем тие да не останат без работа, ем квалитетот на образованието да се подобри. Наместо од 8 до 11 часот да бидат во училиште, децата ќе бидат од 8 до 16:30 часот и овие наставници кои работеле со пет до седум деца, сега ќе работат во нормална паралелка од 20 до 30 деца, со многу други часови освен оние што се во обврзниот курикулум – воннаставни активности, општествено корисна работа, изборни предмети, вештини и техничко образование за децата да стекнат повеќе знаења. И сето тоа ќе им се брои како час, но мора да го одржат. Нема во 11 да отидат дома туку ќе работат со децата, за децата да стекнуваат повеќе знаење и вештини, да научат да читаат со разбирање, да размислуваат логички. Мора да се во тек со новите технологии“, кажа министерката.

    Јаневска рече дека во 140 училишта е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а наскоро бројот ќе се зголеми за 50-ина.

    „Нема капацитети во земјава за одеднаш да се тргне во едносменска и целодневна настава во овој момент. Но, планот е таму каде што има процесот да започне, а има речиси секаде во внатрешноста на земјата, проблем е Скопје и уште неколку училишта во неколку поголеми градови. За таа цел, со Светска банка се прави анализа во кои училишта може да почне едносменска настава со доградба од една до 15 училници, а во некои општини, како на пример Чаир и Аеродром, ќе биде потребно да се изгради училиште“, рече Јаневска.

    За да се реорганизира нивната работа потребна е оптимизација на училиштата, односно четири и пет ученици од подрачни училишта во рурални средини да се префрлат во централните училишта во урбани средини заедно со наставниците. Како што рече, не е добро ни за учениците да посетуваат настава во толку мал број зашто не се социјализираат, немаат со кого да се натпреваруваат и се во затворен круг без да примаат модерни информации.

    Јаневска кажа и дека во 2025 ќе има поголем буџет за образование и наука, како и дека очекува наскоро да биде постигнат договор со Синдикатот за образование и наука (СОНК) и оти очекува покачување на платите на наставниците годинава.

    „Сѐ уште сме во фаза на преговори. Очекувам за релативно време дека ќе постигнеме договор и тој ќе биде сериозен и повеќегодишен. Сѐ уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го реализираме со тек на време. Очекувам дека и годинава ќе има покачување на платите на наставниците за разлика од пред неколку месеци кога можностите речиси беа исцрпени, сега веќе се појавуваат реално можности за покачување на платите на наставниците“, кажа Јаневска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира