ВИЦЕ ЗАЕВ СЕ ПОТЕЛ И ЦРВЕНЕЕЛ ОД ИЗЈАВАТА НА АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ, ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА НАВРЕДА И КЛЕВЕТА

    ВИЦЕ ЗАЕВ СЕ ПОТЕЛ И ЦРВЕНЕЕЛ ОД ИЗЈАВАТА НА АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ, ПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА НАВРЕДА И КЛЕВЕТАПотпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во одговорот на тужбата се повикува на член 16 од Уставот со кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и слобода на јавен настап. (Фото: СДК.МК)

    Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски за навреда и клевета за изјава дадена на гостување во „Отворено студио“ на „1ТВ“ на 24 октомври лани и бара оштета од 500 евра. На подготвителното рочиште денеска Вице Заев не дојде, го застапуваше неговиот роднина и адвокат Горан Заев, додека Николовски се застапува сам.

    Според Николовски, тужен е затоа што изјавил „и во Брисел и во Вашингтон многу добро знаат која е ориентацијата на ВМРО-ДПМНЕ и дека таа е прозападна, про-НАТО и про-ЕУ. Всушност, ние сме и прва партија која тоа го промовирала. Во исто време многу добро знаат дека прозападни и про-НАТО и про-ЕУ вредности не се наместени тендери, бизниси за членови на семејството и братот на премиерот, кој станува главен бизнис фактор во државата Тоа се далеку од едни европски и западни вредности“.

    Во тужбата, Вице Заев тврди дека Николовски со клеветата изнел невистинити факти, штетни за честа и неговиот углед. Како што стои во тужбата, изјавата на Николовски е невистинит факт, бидејќи Вице Заев е докажан стопанственик во Македонија и ниту имал наместено тендери, ниту е главен бизнис фактор во државата.

    Братот на премиерот навел во тужбата дека тој е чесен човек и успешен бизнисмен со висок углед во средината во која живее и работи и дека „ваквите изјави кај него резултирале со чувство на вознемиреност, напнатост и намалено расположение, пропратено со вегетативна симптоматологија, потење и црвенило на лице кое нешто предизвикало силна душевна болка кај него“.

    Николовски во одговорот на тужбата се повикува на член 16 од Уставот со кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и слобода на јавен настап.

    И двете страни најавуваат докази, а судијката Кети Германова од Основен суд Скопје 2 го закажа следното рочиште на 26 февруари во 12 часот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира