ВИЗЕР ОЧЕКУВА ДА ПРОДОЛЖИ ДА ДОБИВА СУБВЕНЦИИ ОД ВЛАДАТА

    ВИЗЕР ОЧЕКУВА ДА ПРОДОЛЖИ ДА ДОБИВА СУБВЕНЦИИ ОД ВЛАДАТАВизер добива владини субвенции од 2012 година, а годинава, како што кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на претставувањето на Буџетот за 2018 година, за таа цел се одвоени 1,7 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Унгарската компанија Визер очекува да продолжи да добива субвенции за нискобуџетни летови и откако ќе им истече актуелниот договор со македонската Влада во јуни годинава. Главниот извршен директор на Визер Јозеф Варади на денешната прес-конференција кажа дека иако сè уште немаат одлучено дали ќе учествуваат на новиот повик на Владата за субвенции, очекува соработката да продолжи.

    Визер добива владини субвенции од 2012 година, а за 2018 година, како што кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, за таа цел се одвоени 1,7 милиони евра. Сугарески, на претставувањето на Буџетот за 2018 година на 4 декември, кажа: „Со оглед на тоа дека договорот со актуелната компанија која добива финансиска поддршка од Владата истекува во 2018 година, планираме да распишеме нов јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни компании“.

    Истиот ден, на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали со форсирањето на нискобуџетни превозници кои не летаат до големи центри, туку до помали алтернативни аеродроми, Владата има стратегија и Скопскиот аеродром да го промовира како нискобуџетен, од Министерството за транспорт и врски, одговорија дека со субвенционирањето на нискобуџетните летови не им е цел да ги избркаат редовните авиопревозници, туку да понудат повеќе дестинации на македонските граѓани.

    Визер денеска соопшти дека лани превезле 1,2 милиони патници од Македонија, за 20 проценти повеќе во однос на 2016 година, а годинава пак, очекуваат зголемување на бројот на патници за 23 проценти. Со најавената редовна линија Охрид-Виена, Виз ер ќе нуди 30 нискобуџетни дестинации во 14 држави од двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид. Визер вели дека држи 63 отсто од пазарот во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира