1 Каде виделе децата дека не е дозволено да тепаат други деца? Каде виделе дека тоа се казнува?
Да не излезеше по социјалните мрежи снимката како врсничка тепа 12-годишнo девојче во скопски Аеродром, а другите деца тоа го снимаат, и да не се појавеше по телевизии мајката на 14-годишното момче избодено во населбата Ченто, никој немаше ни да знае што се случило, па ни институциите ништо немаше да преземат. Ќе се дебатира сега уште два-три дена како дојдовме до дереџе детското насилство да ни стане секојдневие, па ќе се заборави до некој друг ваков случај.
Децата не се криви. Децата само гледаат што прават возрасните. Ако родителите не си ги воспитуваат децата, каде е тогаш државата да ги превоспита родителите? Тука нема некоја голема филозофија. Пријавуваш во полиција, полиција реагира, обвинителство обвинува, социјални служби пратат акција, судовите казнуваат, ама неселективно, не по принципот „наше дете, туѓо дете“, и – тоа е тоа. Така би требало да функционира држава во која што институциите не се заробени од неспособни и мрзеливи вработени и раководители кои таму се нашле само затоа што така ги наградила партијата.
Децата го живеат духот на времето. А тоа е време на кадри со купени дипломи, систем во кој лојалноста кон партијата и лидерот се цени повеќе од знаењето, кога насилниците се наградуваат, а тие врз кои се врши насилство се казнуваат. Недовербата кон институциите не е нешто апстрактно. Недовербата е затоа што институциите се неспособни и не си ја вршат работата за која ги плаќаме.
Конкретна последица на тој систем што го живееме 35 години се децата што малтретираат деца и никој за тоа не е одговорен.
2 Како, на пример, да им објасниш на децата дека сме изградиле систем во кој е нормално да го видите градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски како се фали дека ослободил узурпиран тротоар на Бит Пазар сликајќи се со сопственик на трафика што со години го има узурпирано јавниот простор, и пишувајќи „со добар збор и домаќински пристап, нема невозможно решение“.
Каков добар збор, каков домаќински пристап!?
Четири месеци градската власт преговара со сопственик на трафика, за да ослободи пешачки премин што го има окупирано со години и ја загрозува безбедноста во сообраќајот. Како којзнае каква мировна операција да завршиле. Синким, Битпазарскиот премин е Ормускиот Теснец, па на власта ѝ требаа четири месеци преговори со окупаторот да си го врати окупираниот јавен простор.
Каков добар збор, каков домаќински пристап!? Се знае како држава се справува со силеџии. Пушташ булдожери, пушташ полиција, ако полицијата е малку, пушташ и војска и завршуваш работа. Или, тоа не е домаќински пристап?
И после – децата ни биле силеџии. Па повеќе од десет години цела држава, сосе општински служби и Град Скопје, не може да затвори неколку кафеани во центарот на главниот град затоа што прават бука во станбена зона и сообраќаен хаос. Се надмудруваат Градот и Општина Центар, те оваа инспекција, те онаа инспекција, те моја надлежност, те твоја надлежност, те една фирма била, те три фирми биле, те сите шанкови биле со различни фискални каси… Итар Пејо игра мајтап со државата, а државата јаде и пие гратис.
Е така и во Кочани, 12 години дискотеката „Пулс“ работела на ист принцип на силеџиство, корупција и неказнивост. И така, „со добар збор и домаќински муабет“ со досетливиот газда, ни изгореа 63 деца. Ама дури и тој трагичен кочански шок, од кој уште се лекува општеството, не ја потресе државата. Како што државата не се потресува ни дека УНЕСКО ќе ни го стави Охрид, единственото запишано светско наследство што го имаме, во листата на загрозени споменици на културата и природата, баш поради милион такви „добри зборови и домаќински пристап“ кон локалните итарпејовци што нелегално изградија цели хотели влезени во езерото. Националните паркови ни се соголени од дива сеча на шуми. Планините ни ги уништија солитери со септички јами. Главниот град се дави во канализација при малку посилен летен дожд поради алчноста и на властите и на градежниците што на местото на двокатни куќи изградија станбени згради сосе трговски центри, а инфраструктурата е иста како пред 35 години. Кафеанските тераси се влезени во фонтаните на „Скопје 2014“ кои ги плативме стотици милиони евра, за да може сега спомениците да им бидат декор на на приватните летни бавчи.
Силеџиите владеат. Силеџиите им се закануваат на граѓаните. Силеџиите ја поткупуваат власта. Очи ќе ти ископаат и едните и другите само ако прашаш колку ѝ плаќаат на Општината за користењето на јавниот простор. Кај се шути, па уште и бодат. Тие ќе ја тужат државата ако си го врати назад нелегално узурпираниот јавен простор, оти им го намалила спечалот.
Така што, битпазарското „Али тобако“ е само уште едно „интермецо“ во нашето секојдневие. Затоа и не е за чудење кога тоа насилство што ние го трпиме со години и што институциите го дозволуваат и го толерираат, на крај го гледаме на Инстаграм како насилство од децата врз децата.
3 Во иста недела, премиерот Христијан Мицкоски вели дека „голем дел од корисниците на вториот пензиски столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки“, а гувернерот на Народната банка Трајко Славески на социјалните мрежи реобјавува своја изјава од пред две години, дека „кога во 2030, односно 2032 година, ќе почнат да се исплаќаат редовните пензии на осигурениците од вториот пензиски столб, ќе видиме дека можеби 70 до 80 проценти од лицата ќе се префрлаат во првиот пензиски столб затоа што нема да можат да стигнат ниту до минимална пензија“.
Како, бре, идните пензионери нема да бидат задоволни? Како тоа 70-80 отсто од идните пензионери нема да имаат ни минимална пензија?
Ова ти е отприлика како гувернерот да ти кажал – џабе ви е сега што штедите, кога ќе сакате да ги повлечете парите, нема да има за вас. А премиерот вика: Е па, нема да бидете задоволни кога ќе дојдете за пензија, оти нема да има пари на вашите сметки.
Како бре така, ни ги украдовте парите што сме ви ги дале да ни ги чувате за стари денови?
Кога премиер и гувернер на централната банка на некоја понормална држава би изјавиле дека кога ќе се пензионирате нема да имате доволно пари за живот, тоа би било повод за масовни демонстрации какви што сме гледале во Франција. Би паднала Владата.
А кај нас? Кај нас премиерот прави некоја реконструкција на Влада, нешто „на ти го, дај ми го“ со „Вреди“, нешто внатре партиите си се испазарија. Џабе драма правеа со недели.
4 Ама пак, кој би дигнал глас за скандалот со вториот пензиски фонд за тоа што државниот фонд доцни со префрлање на парите на личните сметки на осигурениците? Пратениците? Опозицијата? Па тие се зафатени сами со себе.
Дури ни ВМРО-ДПМНЕ не си дозволува толку тешки зборови во редовните утрински соопштенија против опозицијата, како што истури раководството на СДСМ против своите сопартијци што се собрале нешто да дебатираат без да знае лидерот Венко Филипче.
И не се караат само со своите сопартијци. Правеа и прават сѐ да ги замолчат граѓаните. Најголем душман и на власта и на опозицијата излегоа независните граѓански иницијативи. И само тој страв од независен граѓански глас ги обединува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.



