„ВИЗЕР“ ПРИВРЕМЕНО ЌЕ УКИНЕ СЕДУМ АВИОНСКИ ЛИНИИ ОД СКОПЈЕ

    „ВИЗЕР“ ПРИВРЕМЕНО ЌЕ УКИНЕ СЕДУМ АВИОНСКИ ЛИНИИ ОД СКОПЈЕСкопје е најголемата и најпрометна база на „Визер“ во поранешна Југославија - минатата година на Скопскиот аеродром беа лоцирани пет авиони на унгарската компанија (Фото: Визер)

    „Визер“ дополнително ќе ги намали своите услуги во Скопје оваа зима и привремено ќе укине седум линии, објави специјализираниот портал ЕксЈуавиејшн. Авиокомпанијата објави дека до крајот на март 2021 нема да ги има летовите до Барселона, Бремен, Хановер, Ларнака, Сандефјорд (Норвешка) и до два аеродрома во Шведска, Скавста во близина на Стокхолм и Вешо, а претходно беше укината и линијата до Салцбург.

    Без овие линиии „Визер“ преку зимата ќе продолжи да одржува авионски линии од Скопје до 23 европски дестинации, но и тоа може да биде подложно на промени. Дел од овие линии во моментов се привремено суспендирани и нема да продолжат до стартот на зимската сезона 2020/21 кон крајот на октомври.

    Скопје е најголемата и најпрометна база на „Визер“ во поранешна Југославија и минатата година, 60% од сите патнички летови од главниот град на Македонија отпаѓаа на унгарската нискобуџетна компанија. Минатата година команијата имаше лоцирано пет авиони од типот А320 и А321 во Скопје. Македонската влада на крајот на 2019 објави дека ќе инвестира 1,7 милиони евра во авионскиот сектор на земјата и најголем дел од овие средства беа наменети за „Визер“.

    Скопскиот аеродром моментално опслужува седум авиокомпании. Во зависност од коронакризата, можно е оваа зима да оперираат и десет компании, кога своите летови би требало да ги обноват „Флајдубаи“, „Катар ервејс“ и полската „ЛОТ“.

    Поради кризата од Скопје се повлече грчката Ејџиан ерлајнс, без најава кога би ги обновила летовите за Атина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира