Од двајца дискутанти од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница за разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски произлегоа 60 реплики од 10-те пратенички групи од оваа партија. Спикерот Талат Џафери седницата ја отвори во 12 часот и по шест часа работа, пратениците на ВМРО ДПМНЕ побараа поради замор на сите пратеници и собраниски служби, седницата да се прекине во 18 часот.
Повторно му префрлаа на Џафери и зошто на дневен ред не ги става нивните предложени закони, информации. Спикерот им кажа дека поради стотиците процедурални барања, реплики и контрареплики на пријавените нивни дискутанти, не може да се дојде до предложените седници од страна на опозицијата.
Пратеничката Владанка Авировиќ го замоли Џафери, не во име на пратениците, како што рече, туку во име на вработените во Собранието, да нема утре седница и да ги ослободи да бидат дома.
„Администрацијата е соодветно платена со надоместоци, ич да не се секирате за нив”, ѝ одговори Џафери и ја прекина денешната седница навреме, во вообичаениот термин во 18 часот, бидејќи опозицијата денеска, за првпат од почнувањето на маратонската расправа за Зврлевски, не побара пауза. Продолжението го закажа за утре во 11 часот.
На почетокот на седницата, координаторот на СДСМ Томислав Тунтев рече дека нема да учестуваат во бесмислена расправа и покрај тоа што имале многу да кажат за Марко Зврлевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА