Европските држави веќе објавуваат дали и колку бегалци би можеле да прифатат од Украина, па на денешната прес-конференција владините портпароли беа прашани дали ако дојде до мигрантски бран Македонија размислува да прифати бегалци од оваа држава, колку би можеле да згрижиме и каде би биле сместени.
„Северна Македонија во повеќе навраtи покажа отворено срце и помагаше во вакви и слични ситуации. Оттаму, Владата ќе понуди помош во случај и на ескалација на ситуацијата во Украина. Сите насоки се кон тоа, тоа да не се случи. Денеска премиерот Димитар Ковачевски ќе има телефонски разговор со украинскиот премиер Денис Шмигаљ. Меѓу другото, и ова ќе биде една од темите. По овој контакт Владата ќе направи проценка и ќе имаме повеќе информации со видот на помошта што би ја понудила државата“, кажа портпаролот Душко Арсовски.
Новинарите на денешната прес-конференција прашаа и дали Македонија ќе се приклучи на санкциите кон Русија што ги подготвија ЕУ и САД.
„Северна Македонија е на линија за постигнување на 100 проценти усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската унија. Во однос на пакетот на санкции на ЕУ кој што се најавува, Владата дополнително ќе расправа и ќе одлучи и за ова јавноста ќе биде запознаена“, најави владиниот портпарол.
С. К. ДЕЛЕВСКА