Владата донесе ребаланс на Буџетот за 2017 година на денешната седница, според кој што проектираните расходи се намалени за 2,9 милијарди денари, соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференција.
„Проекцијата на приходите е намалена од 187,6 милијарди денари на 184,7 милијарди денари. Кај расходите, проекцијата е намалена од 206,2 на 203,3 милијарди денари, а дефицитот останува проектиран на 18,6 милијарди денари или 2,9 отсто од БДП“, кажа Заев.
Тој рече дека не станува збор за нов буџет, туку за адаптација и прилагодување на постоечкиот и дека преку овој ребаланс ќе се овозможат услови за непречено спроведување на реформите.
„Основиот инструмент беше кратење на непродуктивни трошоци. Ребалансот не е нов буџет, станува збор за адаптација и ваквото прилагодување е направено со приходи сведени на реални очекување, а дефицитот не е променет. Проекцијата на претходната влада била раст на БДП од 3%, но имајќи предвид дека растот беше 0% во првиот квартал, нашите проекции се 2,2% до крајот на годината. Светската банка предвидува 2,8% раст, а Народна банка предвидуваше 2,7%“, вели Заев.
Премиерот кажа дека ребалансот на Буџетот е доставен и архивиран во Собранието и очекува да помине во редовна процедура.