Владата ги провери и ги отфрли наводите изнесени од СДСМ во врска со работата на министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити.
„Инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат се однесува на аспекти на архивското работење и не утврдил незаконско постапување. Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади. Ако по логиката на Кузевска тоа е прекшување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ“, соопшти Владата, нарекувајќи ги неточни и шпекулации тврдењата на СДСМ.
Непосредно пред ова соопштение, портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска достави документи за наводно коруптивно работење на вицепремиерот Меџити и се посомнева дека тој го имал крајниот потпис на одлуките на Државниот инпекторат за животна средина кој дава дозвола за сите проекти во државата, а не Инспекторатот.
Во документите има пасус дека по извршената контрола, Државниот управен Инспекторатот изрично наредува одлуките на Инспекторатот за животна средина треба да се враќаат во писарницата и веднаш да им се даваат на странките, а не како досега првин да му се носат на министерот, па потоа на странките. Надлежен да ги потпишува одлуките е директорот на Државниот инспекторат за животна средина, а не министерот, предупредува Државниот управен инспекторат.
Но, во ова премиерот не се посомнева. Не е познато дали Обвинителството ќе реагира на овој допрен глас, поткрепен со документ.
Кузеска денеска пред Владата критикуваше бидејќи Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети.
„Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните. Според наведеново во овие документи, во Министерството за животна средина бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и административните процедури, што отвора сомнежи за корупција и мито. Очекуваме Мицкоски да ги прочита, да ги разгледа внимателно и да одговори на сите овие сомнежи за злоупотреби и можна корупција. Ајде да видиме сега дали нешто ќе преземе премиерот со овие докази во рака. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат, или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити“, кажа портпаролката на СДСМ.
Вчера Мицкоски ги повика да му се обратат лично сите кои имаат докази во однос на обвинувањата на СДСМ дека вицепремиерот Изет Меџити незаконски ги заобиколува институционалните процедури и ја злоупотребува својата позиција, со цел лично да одлучува кои документи и предмети ќе бидат одобрени или стопирани.
С. К. ДЕЛЕВСКА