На денешната седница, Владата донела одлука да го помогне Арачиново со 500.000 евра неповратна помош.
„Владата денеска донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата“, соопшти Владата.
Нема детали за што точно Владата дава пари од буџетот само на оваа општина, ниту дали ќе има и кој ќе врши контрола на трошењето на донацијата.
Владата одлучила да одобри 8 милиони евра повеќе во Пакетот 4 за поддршка за справување со последиците од ковид-19 за дополнителни категории граѓани и компании. Натаму, одобрени се 99 инфраструктурни проекти за 75 општини, со 35-те милиони евра пренаменети од ТАВ со кои првично требаше да се изгради карго аеродром.
Со најновиот пакет мерки, на предлог на вицепремиерот Фатмир Бетиќи, опфатени се: 731 естраден уметник со финансиска помош во износ од по 2 бруто минимални плати (21.776 денари); 40 здруженија од Асоцијацијата на танцови здруженија со грантови од по 2.000 евра за секое здружение; приватните установи за деца – детски градинки со субвенции од 1.500 денари по згрижено дете, за период од 6 месеци, за вкупно 1.216 деца во 17 градинки, со што тие добиваат ист третман како јавните детски градинки во државата.
Четвртиот пакет опфаќа и финансиска помош за 12 дизајнерски ателјеата за организирање свадби кои се забранети во овој период со еднократен износ од 90.000 денари; потоа грантови за едукативни центри за деца исто како и за игротеките, (по број на вработени, со по две бруто плати до 21.776 денари); грантови за центри за странски јазици исто како и за игротеките со по две бруто минимални плати од 21.776 денари; потоа финансиска помош за ноќни клубови врз основа на прикажан вкупен бруто промет од 2019 година за вкупно 24 субјекти и во вкупна висина на средствата од 7.380.000 денари, што значи според ланските гости, односно ланскиот промет од гостите.
Во оваа помош влегува и субвенционирање на плати на вработени во 48 младински организации и организации за млади од по 21.776 денари месечно, за 2 месеци и за хонорарно ангажираните лица во овие организации; финансиска помош на МЖ Транспорт во висина од 110.000.000 денари, и за ЈП Државни патишта пат во висина од 180.000.000 денари, финансиска поддршка од по 14.500 денари по вработен за два месеци за ефективни работни часови за 58 лиценцирани превозници со лиценци за 376 автобуски линии; скалеста исплата на финансиска помош на: самостојни уметници, филмски работници и уметници стручни соработници, од 14.500, 18.000 или 21.500 денари во зависност од примањата за период од 3 месеци, за вкупно 462 корисници за што се предвидени вкупно 24.948.000 денари за чија исплата ќе биде објавен повик од Министерството за култура и за други субјекти и правни лица.
На оваа седница е донесена Одлука со која е одобрена предлог листа на проекти од општини за финансирање од дополнителни средства кои се обезбедија со пренамената на финансиските средства од ТАВ што беа предвидени за изградба на карго аеродром во Штип.
Со оваа одлука се обезбедени 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини кои се одобрени за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти што ги предложија општините и што се прифатени со оваа одлука на Владата на Северна Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА