Владата денеска го разреши директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Лазе Велковски. Одлука за именување нов директор на БЈБ нема. До изборот на нов директор на БЈБ, со неа ќе раководи заменик -директорот Бесир Деари.
Владини извори изјавија дека бил прифатен предлогот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за разрешување. Предлогот беше поднесен од Спасовски откако внатрешната истрага утврдила дека Велковски службеното возило го користел во приватни цели за превезување на членови на фамилијата надвор од Македонија.
„Директорот на Бирото на јавна безбедност (БЈБ) Лазе Велковски е голем професионалец, но тој направил грешка, исправен пред заканите што од минатото биле насочени кон него и кон неговото семејство. Нема тука меѓупартиска пресметка“, изјави завчера премиерот Зоран Заев.
Премиерот Заев очекува Велковски и по разрешувањето да остане во МВР.