Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со струја за дополнителни 6 месеци, односно до 9 јуни. Предлог-одлуката ќе биде доставена на усвојување до Собранието.
„Предлогот за продолжување на рокот на кризната состојба има за цел да обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија“, се вели во соопштението на Владата.
Владата на 9 ноември донесе одлука за воведување кризна состојба во траење од 30 дена заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија. Тогапш министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека со прогласувањето на енергетска кризна состојба, единствена мерка која произлегува од оваа одлука е да се вбризгаат финансиски средства во енергетските компании со цел да се стабилизира состојбата на пазарот на електрична енергија, односно не се предвидени рестриктивни мерки.
„Операторот на преносниот систем МЕПСО изготви Извештај за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година. Според доставениот извештај, Комисијата процени дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија“, кажа на прес-конференцијата на 9 ноември министерот Бектеши, додавајќи дека ваквата проценка на ризици се темели на намалените капацитети на домашното производство, но и поради зголемените цени на светските пазари.