ВЛАДАТА ЌЕ ГО РАЗРЕШУВА ДРЖАВНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГО РАЗРЕШУВА ДРЖАВНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ЉУПЧО КОЦЕВСКИВладата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител Коцевски. (Фото: СДК.МК)

    Владата ќе го менува Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и на денешната седница одлучи да почне постапката за неговото разрешување. Ќе го разрешува зашто по суспензијата на Мустафа Хајрулахи, не го оставил обезглавено Вишото јавно обвинителство на Скопје и му именувал нов шеф.

    „Последното именување за вршител на должност шеф на Вишото Јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишана во Законот за јавното обвинителство“, кажа по денешната владина седница портпаролката на Владата Марија Митева.

    Обвинителите со кои разговаравме сметаат дека ова е класично непознавање на законите. Тие сметаат дека Владата е дезинформирана, зашто на Коцевски му импутира дека ставил вршител на должност Виш обвинител на Скопје, а тој, вушност, назначил привремен раководител.

    Ставил само привремен раководител, зашто Хајрулахи кој е тргнат поради кривична пријава и поради почната дисциплинска постапка против него, не успеал да направи распоред за 2025 година и да наназначи свој заменик, што е законски право и должност на секој Виш обвинител, велат соговорниците. Распоред направил неговиот заменик Јове Цветановски, но по декември, односно место во 2024, додека бил заменик, го направил тоа во јануари 2025, во непостоечко својство.

    На крајот на јануари и Јове Цветановски е оддалечен од работното место и против него е почната дисциплинска постапка затоа што, како што објави Советот на јавни обвинители, запирал кривични гонења, повлекувал обвиненија по своја желба.

    Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител.

    „Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, кажа денеска портпаролката Митева во воведот за одлуката за разрешување на Коцевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира