ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ АВИОН ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ОД ИЗРАЕЛ, ПРВАТА ГРУПА ТРЕБА ДА СЕ ВРАТИ ВЕЧЕРВА ИЛИ УТРЕ

    ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ АВИОН ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ОД ИЗРАЕЛ, ПРВАТА ГРУПА ТРЕБА ДА СЕ ВРАТИ ВЕЧЕРВА ИЛИ УТРЕРедовниот авионски сообраќај во Израел е во прекин од петокот поради воздушните напади (Фото: АП)

    Министерството за надворешни работи започнало активности за евакуација на македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел, кој во петокот започна со воздушни напади врз Иран. Министерот Тимчо Муцунски информираше дека е формиран кризен штаб, чија главна цел е организација на безбедното извлекување на македонските државјани од Израел.

    Амбасадата во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и директна комуникација со нив. Согласно најновите информации, 28 македонски државјани побарале поддршка за евакуација. Првата фаза од процесот ќе се реализира преку Египет. Очекуваме осуммина наши државјани, од кои четири возрасни лица и четири деца, до крајот на денот или најдоцна утре да бидат префрлени на безбедна територија, од каде што по воздушен пат ќе се изврши нивно враќање во земјата“, изјави Муцунски.

    Тој додаде дека македонската амбасада во Тел Авив ги финализира подготовките за првата група, што вклучува обезбедување на потребната документација, логистика и организација на безбеден конвој за трансфер до Египет.

    Како што беше побарано од самите државјани, се очекува втората група да го напушти Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставувањето на редовниот авионски сообраќај од аеродромот во Тел Авив. Бидејќи тој е во прекин, првата фаза од евакуацијата ќе се реализира со авион во сопственост на Владата, кој ќе обезбеди транспорт за првата група државјани кои изразија подготвеност веднаш да го напуштат Израел“, рече Муцунски.

    Тој кажа дека персоналот на македонската амбасада се наоѓа на безбедна локација и останува постојано на располагање на македонските граѓани. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија притоа упати апел до сите македонски државјани да се воздржат од патувања во Израел и Иран.

    Телефонските броеви на Министерството и на нашата амбасада во Тел Авив се достапни 24 часа за сите прашања, поддршка и конзуларна помош“, кажа Муцунски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира