ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ЗАЕМ ЗА ЈУГОХРОМ ДА ГИ ДОГРАДИ ФИЛТРИТЕ

    ВЛАДАТА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ЗАЕМ ЗА ЈУГОХРОМ ДА ГИ ДОГРАДИ ФИЛТРИТЕСпоред вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во интерес на граѓаните на Полошкиот регион, но и за економијата е овој комбинат да функционира, а притоа да ги исполни сите еколошки стандарди. - Вицепремиерот Кочо Анѓушев во дискусија со министерот за финансии Драган Тевдовски (Фото: Фејсбук/Зоран Заев)

    Владата ќе обезбеди заем за комбинатот Југохром од Јегуновце за да се забрза изградбата на системот за отпрашување, кој е неопходен за да може оваа фабрика до добие А интегрирана еколошка дозвола за работа.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната средба со претставници на менаџментот на компанијата и на синдикатот на вработените во Југохром кажал дека Владата преку Македонската банка за поддршка на развојот ќе направи напори да се обезбедат средства, односно заем за Југохром, со кој ќе се продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување. Според него тоа е неопходно за да рестартира работата во комбинатот, работниците да се вратат на работа и да земаат плата.

    „Во интерес на граѓаните на Полошкиот регион, но и за економијата на Република Македонија е овој комбинат да функционира, а притоа да ги исполни сите еколошки стандарди. Изградбата на систем за отпрашување е предуслов за рестартирање на комбинатот, за повисоко ниво на заштита на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во околината“, кажа Анѓушев на средбата со менаџментот и вработените во Југохром.

    Од кабинетот на вицепремиерот велат дека менаџментот на Југохром побарал поддршка од Владата, бидејќи процесот на изградба на системот за отпрашување се одвива со забавено темпо поради финансиски проблеми на сопственикот.

    Според законските прописи сите постоечки индустриски капацитети требаше да обезбедат А интегрирана еколошка дозвола за работа до април 2014 година. Сите компании ја добија оваа дозвола во предвидениот рок, освен Макстил И Југохром. На овие две фабрики неколку пати им беше пролонгирал рокот за да ги постават потребните филтри за заштита на животната средина. Макстил во меѓувреме ја доби дозволата за работа, а единствено Југохром остана без да ги исполни задачите од оперативниот план за добивање на дозволата. Југохром беше затворен на први ноември лани по одлука на Државниот инспекторат за животна средина, откако компанијата не го испочитува и последниот рок за поставување филтри.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира