ВЛАДАТА ЌЕ СЕ РЕКЛАМИРА САМО НА МРТВ БЕСПЛАТНО

    ВЛАДАТА ЌЕ СЕ РЕКЛАМИРА САМО НА МРТВ БЕСПЛАТНОМинистерот Роберт Поповски и ЕУ амбасадорот Самуел Жбогар денеска учествуваа на конференција на тема „Иднината на комерцијалните ТВ-канали на национално ниво: Која е формулата за успех?“, во организација на Македонскиот институт за медиуми. (Фото: Влада)

    Владата нема да троши пари од буџетот за реклами, бидејќи сè што ќе има потреба да го презентира пред јавноста ќе го направи на јавниот сервис бесплатно, кажа денеска министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски.

    Поповски, кој зборуваше на денешната конференција на тема „Иднината на комерцијалните ТВ-канали на национално ниво: Која е формулата за успех?“, во организација на Македонскиот институт за медиуми, најави дека Владата наскоро ќе ги достави во Собранието предлозите за измени на законите за реформи во медумската сфера, кои, меѓу другото, предвидуваат и укинување на радиодифузната такса. Тој рече и дека една од клучните мерки на Владата е јавниот сервис МРТВ да не биде дел од комерцијалниот пазар и да биде финансирана од буџетот на државата.

    Вчера во Собранието, премиерот Зоран Заев кажа дека Владата ги прекинала кампањите на телевизиите „Си-Ен-Ен“ и „Би-Би-Си“ и сите други кампањи на претходната влада, како и договорите на, како што кажа тој, странските квазиексперти. Заев, кој зборуваше во Собранието за време на расправата за предлозите за заменици министри, рече дека на тој начин Владата веќе заштедила 10 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира