ВЛАДАТА НАЛОЖИ ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ ВО СИТЕ ЛЕГАЛНИ ФАБРИКИ ЗА КАНАБИС

    ВЛАДАТА НАЛОЖИ ВОНРЕДНИ КОНТРОЛИ ВО СИТЕ ЛЕГАЛНИ ФАБРИКИ ЗА КАНАБИСОд акцијата на МВР на 8 февруари за заплена на канабис во фабрики во Струмичко. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се прават вонредни контроли во легалните фабрики за производство на канабис, соопшти Владата. Ова е одлучено на денешната владина седница за, како што велат од Владата, „да се спречи индустриско нелегално производство на медицински канабис и пласман кон нелегалниот домашен и меѓународен пазар“.

    „Владата ги задолжи институциите во рамките на своите надлежности да ги преземат сите законски утврдените мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на цела територија и во рок од 45 дена да достават извештај до Владата“, соопшти Владата.

    Владата вели дека ќе именува членови на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Меѓуресорската комисија, која е воспоставена со Владина одлука во 2017, е составена од по еден претставник од Министерствата за правда, за внатрешни работи, за здравство, за локална самоуправа, за животна средина и просторно планирање, за надворешни работи, за образование и наука, за труд, за земјоделство, за спорт и за финансии од Царинската управа. Со Меѓуресорската комисија претседава претставникот од Министерство за здравство.

    „Од 2017 година откако е формирана комисијата, истата воопшто не била активна и нема резултат. За таа цел, Владата во иднина ќе бара редовни извештаи“, додаваат од Владата.

    Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) и МВР веќе десет дена истражуваат дали петте тона марихуана фатени во Србија се поврзани со марихуаната која тие ја запленија од магацините на производителите на канабис за медицински цели.

    „Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство“, соопштија вчера од Обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира