Владата денеска објави оглас за изнајмување на комплексот „Македонско село“ во скопско Нерези. Според огласот, комплексот е поделен на 4 целини и за сите посебно ќе има јавно наддавање.
Првиот дел е за струшка куќа, македонски ан и велешка куќа и почетната цена за месечен закуп на јавното наддавање за овие три објекти е 91.575 денари. Вториот дел е за галичка куќа, реканска куќа и куќа од Скопска Црна Гора за која почетната цена е 54.839 денари.За делчевска, кумановска и тетовска куќа заедно со делот за рецепција почетната цена е 44.529 денари, додека за прилепска, битолска, кратовска и беровска куќа цената на наддавање е 49.868 денари.
Комплексот ќе се издаде на идните закупци на 15 години, а јавното наддавање ќе се одржи на 14 февруари.
Од Службата за општи и заеднички работи очекуваат пролетва комплексот повторно да биде отворен.
„Комплексот е направен и мора да се грижиме за него. Без разлика дали тој е исплатив или не, не смее да скапува. Направивме увид и затекнавме хаотична ситуација, искршени клупи, оштетени кровови и фасади, електричните возила не работат. За среќа,во внатрешноста на куќите нема поголеми оштетувања. Откако Бирото за проценка изврши проценка на објектот подготвивме почетни цени за месечна кирија и очекуваме огласот да биде успешен“, вели Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Комплексот „Македонско село“ е затворен шеста година откако од него се откажа концесионерот, односно фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ оти не им било исплатливо.
Изградбата на „Македонско село“ почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.
Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.
Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, во јануари 2016 го добија под концесија од 20 години за месечна кирија од 3.500 евра. Во октомври 2018, престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и дека таква опција имале во договорот.
А. АНТЕВСКА