ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА СЕ РАЗРЕШИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ, ПРЕДЛОГОТ Е ДОСТАВЕН ДО СОБРАНИЕТО

    ВЛАДАТА ОДЛУЧИ ДА СЕ РАЗРЕШИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ, ПРЕДЛОГОТ Е ДОСТАВЕН ДО СОБРАНИЕТОЦелата процедура за разрешување на Коцевски е помината од Владата, сега на потег е Собранието да се изјасни за предлогот. (Фото: СДК.МК)

    По добиеното мислење од Советот на јавни обвинители дека Државниот обвинител Љупчо Коцевски не направил крупна професионална грешка, Владата сепак на денешната седница изгласала предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата. Практично, Владата ја продолжува постапката за разрешување  што ја почна пред изборите. Целата процедура е помината, сега на потег е Собранието да се изјасни за предлогот.

    Одлуката на Владата ја соопшти портпаролката Марија Митева, која доцна попладнево  рече дека ако сакаме правна држава, промени мора да има.

    „Нашата цел останува недвосмислена јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните. Врз основа на член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство и по добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Владата му предлага на Собранието да го разреши Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија“, рече Митева.

    Обвинителот Коцевски денеска потсети дека Советот на јавни обвинители  не смета оти направил крупна грешка, но и дека одлуката на Владата тој сепак да биде разрешен, е политичка.

    Конкретна крупна професионална грешка како што бара законот за да може еден државен обвинител да биде разрешен, не наведува ни Владата, но му сумира одговорност преку „направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство“, што довеле до нарушување на неговата ефикасност и функционалност, како и „неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети“, со што била повредена обврската за заштита на тајноста на постапката.

    Владата на Коцевски му припишува и нарушување на угледот на Јавното обвинителство и на неговиот личен углед, како и непостапување согласно обврските утврдени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во Собранието.

    Се ближи крајот на на 2025 година, а ни збор од Владата дека реформските закони од областа на владеење на правото се готови и испратени до Собранието. Од нив ќе зависи дали Македонија ќе  добие финансиска помош од Европската унија, или ќе ја пропушти таа можност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира