ВЛАДАТА ПРЕДЛАГА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ, КАКО ШТО БАРАШЕ ВМРО-ДПМНЕ ПРЕД 5 ГОДИНИ

    ВЛАДАТА ПРЕДЛАГА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ, КАКО ШТО БАРАШЕ ВМРО-ДПМНЕ ПРЕД 5 ГОДИНИСо одредување горна граница на можната затворска казна се отвора можност за побрзо застарување на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери. - Предлагачот на измените е Владата на чело со Димитар Ковачевски (Фото: СДК.МК)

    Владата на Собранието му предложи измени на Кривичниот законик (КЗ) со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Предложените законски измени на КЗ се доставени во Собранието со европско знаменце и веќе се ставени на дневен ред.

    Според предлогот, треба да се укинат одредбите од членот 353 за затворски казни од најмалку три и пет години, и место тоа се воведува затворска казна од една до четири години. Со одредување горна граница на можната затворска казна се отвора можност за уште побрзо застарување на делата, што веќе стана пракса во судските случаи со поранешните функционери.

    Вакви законски измени бараше ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година на тогашните лидерски средби на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, со цел застарување на делата на обвинетите поранешните функционери од Владата на Никола Груевски.

    Веќе следната 2019 година, адвокат на обвинетите Миле Јанакиески и Никола Груевски неуспешно поднесе иницијатива до Уставниот суд за укинување или поништување на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот законик, кој се однесува на кривични дела при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата.

    Со сегашниот предлог на Владата, овој став се брише.

    Потпишан на предложените законски измени е премиерот Димитар Ковачевски и во образложението се вели дека тие произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира