Назначувањето на раководни кадри мора да биде ослободено од партиска припадност како основен критериум за избор, бара Институтиот за демократија. Според оваа граѓанска организација, со институциите не треба да раководи оној кој е посакуван, каква што е тридецениската пракса во Македонија, туку оној кој е најпотребен.
„Функционални државни институции се предуслов за транспарентно и ефективно демократско владеење и за задоволни граѓани. Градењето на силни државни институции е возможно само ако со нив раководат искусни, професионални и квалитетни лица“, смета Институтот за демократија.
Начинот на избор на високата раководна служба, смета Институтот за демократија, мора да биде транспарентен и лесно достапен за сите заинтересирани, преку јавни огласи со одреден конкретен рок кој мора да биде испочитуван. Исто така, многу е важно да се воспостават критериуми по кои највисоко вреднувани ќе бидат лицата кои поседуваат интегритет, квалитет и релевантно искуство.
„Владата ако сака да покаже дека работи во интерес на сите граѓани, мора ја отфрли партиската припадност како приоритет. Враќањето на довербата на граѓаните во институциите, е можна единствено ако процесот на избор на раководната служба е соодветно документиран и достапен до јавноста и ако недвосмислено покажува зошто баш тоа лице е најсоодветно за работната позиција“, бара оваа невладина организација.
Во постапка се неколку закони кои ќе овозможат државните институции и администрацијата да го искористат максимумот и да работат во служба за граѓаните, но за нивно носење треба силна политичка волја. За имплементација на законите, пак, потребни се институции раководени од искусни, квалификувани и квалитетни кадри. На овој начин институциите ќе го оправдаат своето постоење и ќе работат во служба на јавниот, место на приватниот интерес, на политичките и на бизнис елитите.