ВЛАДАТА ЗАБРАНИ ДВИЖЕЊЕ ВО ШУМА И ПАЛЕЊЕ СТРНИШТА ЗА ДА СЕ СПРЕЧАТ ПОЖАРИ

    ВЛАДАТА ЗАБРАНИ ДВИЖЕЊЕ ВО ШУМА И ПАЛЕЊЕ СТРНИШТА ЗА ДА СЕ СПРЕЧАТ ПОЖАРИЗа непочитување на забраната, на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра. - Пожар во Преспа (Фото: СДК.МК)

    Поради појавата на шумски пожари, а врз основа одредби од Законот за шумите Владата воведе забрана за движење во шума и шумско земјиште преку цел ден и цела ноќ. Забраната важи од вчера и ќе трае сѐ до нејзино отповикување. Оваа забрана не важи за вработените во национални паркови и шуми.

    Како што соопшти Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, за непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра.

    Забраната доаѓа по големите пожари синоќа во Преспанскиот Регион и селото Саса во Македонска Каменица. Во Преспанскиот Регион, пожарот синоќа го зафати делот кај туристичките населби Отешево и Сирхан, како и дел од Националниот парк Галичица. Досега пожарот зафати околу 300 хектари шума, а пожарникарите и вработени од Националниот парк се обидуваа да го спречат ширењето на пожарот и да ја заштитат викенд населбата кај Сирхан.

    Голем пожар синоќа имаше и во селото Саса кај Македонска Каменица, каде беше евакуирано и населението во маалата Траканица и Аџиите. По цела ноќ гаснење, пожарот е локализиран.

    Владата исто така, забрани и палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита на шумски пожари.

    За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра за прекршок на физичко лице.

    Забраната не важи за движење во парк шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена, националните паркови и заштитените подрачја доколку се одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои управуваат со шумите во придружба на нивен претставник.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира