ГОЛЕМ ПОЖАР ВО ПРЕСПА, ГОРИ И НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ГАЛИЧИЦА

    ГОЛЕМ ПОЖАР ВО ПРЕСПА, ГОРИ И НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ГАЛИЧИЦАДосега пожарот зафати околу 300 хектари шума, а пожарникарите и вработени од Националниот парк се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот и да ја заштитат викенд населбата кај Сирхан. (Фото: СДК.МК)

    Голем пожар го зафати Преспанскиот регион, во делот кај туристичките населби Отешево и Сирхан, како и дел од Националниот парк Галичица. Досега пожарот зафати околу 300 хектари шума, а пожарникарите и вработени од Националниот парк се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот и да ја заштитат викенд населбата кај Сирхан.

    „Цела Преспа е во пламен. Гореше кај Отешево, Сирхан, прво трската околу езерото, а потоа ветерот го префрли огнот преку асфалтираниот пат и ја зафати шумата. Се движи кон Националниот парк Галичица. Немаме струја, се запали и далековод“, раскажува сопственик на вила во Сирхан.

    Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски за СДК.МК изјави дека во тек е состанок на Кризниот штаб по неколкуте пожари што избувнале денес.

    „Не се работи за еден пожар. Туку за неколку. Гореше кај Долно Дупени и Маркова Нога, каде пожарникари од Ресен и Битола го ставија пожарот под контрола. Потоа имаше пожар на трската околу езерото, каде изгоре поголема површина трска, а и овоштарници. Потоа ветерот го префрли пожарот кон шумата и зафатен е дел од Националниот парк Галичица, досега зафатени се околу 300 хектари шума“, рече градоначалникот.

    Тој објасни дека во Националниот парк Галичица гаснат екипи на Противпожарните единици од Ресен и Охрид, како и вработени во паркот. Денес сите пет противпожарни возила на ресенската пожарна биле на терен, сите пожарникари и други лица вработени во општинските служби. Пожарникарите и вработените од паркот остануваат да дежураат цела вечер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира