ВЛАДАТА ЖАЛИ ЗА ИНЦИДЕНТОТ СО ФОТОРЕПОРТЕРИТЕ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

    ВЛАДАТА ЖАЛИ ЗА ИНЦИДЕНТОТ СО ФОТОРЕПОРТЕРИТЕ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБАМарјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на премиерот, денеска на својот профил на Фејсбук објави заедничка фотографија со фоторепортерите пред денешната лидерска средба во скусен состав. (Од Фејсбук профилот на Забрчанец)

    Владата жали за инцидентот пред вчерашната лидерска средба, кога на фоторепортерите и снимателите не им беше дозволено да ги снимаат лидерите додека влегуваат во Клубот на пратеници во Скопје, по што тие во знак на протест ги оставија камерите пред влезот.

    Во денешното соопштение, Владата објаснува дека тоа било направено заради безбедносни проценки и изразува жалење за непријатната ситуација до која е дојдено при спроведување на безбедносните насоки.

    „Владата на Република Македонија со посебно внимание ги прифати и ги анализираше реакциите на претставниците на медиумите што беа предизвикани од настаните за време на подготовките за известување од лидерската средба што се одржа вчера во Клубот на пратениците. Поведени од начелото дека треба да бидат обезбедени еднакви услови за сите претставници на медиумите без исклучок, како и заради безбедносни проценки направени од професионалните безбедносни служби, жалиме што не постоеше можност да се направат исклучоци од однапред утврдените и обезбедени услови за работа на сите медиумски екипи“, се вели во соопштението на Владата.

    Вчера, откако неколкумина од фоторепортерите и снимателите се побунија, со забелешка дека во изминатите 27 години досега, ниту еднаш не се случило фоторепортерите и снимателите да не смеат да ги сликаат лидерите како излегуваат од колите, по што во знак на протест си заминаа, Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на премиерот им дофрли: „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите“.

    Забрчанец денеска на својот профил на Фејсбук објави заедничка фотографија со фоторепортерите пред денешната лидерска средба во скусен состав, исто така, пред Клубот на пратеници и напиша: „Дијалогот носи заеднички успеси“.

    Денеска беше дозволено да се фотографира и снима пристигнувањето на лидерите во Клубот на пратениците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира