Триесет и шест училишта, од кои 21 од основно образование и 15 од средно, поднеле барања за настава со физичко присуство, кажа денеска министерката за образование Мила Царовска. Рокот за поднесување е до денеска, но законски ќе почекаат уште три дена за да стигнат по пошта.
Царовска рече дека нациoналната платформа за учење од далечина наскоро ќе биде претставена пред јавноста, и дека училиштата ќе почнат да се спремаат за настава и со физичко присуство и за онлајн настава.
За тоа кои училишта ќе може да држат настава со физичко присуство, ќе одлучува владина комисија во која има претставници од Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести.
Министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју за Радио Слободна Европа, кажа: „Училишта со мал број на класови и ученици може да побараат дозвола да вршат настава во живо и за одделенијата над трето, но ако, на пример училиште во Скопје аплицира за таква дозвола, ние нема да го дозволиме тоа“.
Царовска на денешната прес-конференција го претстави мандатното писмо кое го доби од премиерот Зоран Заев, во кое меѓудругото истакна дека еден од приоритетите ќе ѝ биде подобрување на оценките на меѓународните и домашните тестирања.
„Само со соработка помеѓу наставници, ученици и родители ќе ги подобриме и овие резултати. Ќе инвестираме и во подобрување на условите за учење. Ќе реконструираме училишта, но и нема да ги заборавиме ниту студентските домови“, рече министерката.
Б. НЕСТОРОСКА