Специјалното јавно обвинителство (СЈО) предупреди дека секое влијание врз сведоци е кривично дело, по повод протестот што ВМРО-ДПМНЕ го организираше пред полициската станица во Охрид, додека таму обвинителите и истражителите на Катица Јанева вршат распит на сведоци.
„Во врска со предистражна постапка која се води во ова Јавно обвинителство, во СВР Охрид се повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка. Согласно Кривичниот законик секој вид на влијание врз сведоците е кривично дело, а лицата кои се повикани како сведоци се должни да се јават на поканата и да помогнат со своите искази во утврдување на фактите за кои е поведена секоја предистражна или истражна постапка“, се вели во соопштението на СЈО.
„Ова јавно обвинителство се оградува од секакви политички шпекулации и потенцираме дека својата службена должност јавните обвинители во ова Јавно обвинителство ја вршат согласно законот во насока на утврдување на вистината во постапките кои се водат“, соопшти СЈО по повод протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Во Охрид СЈО испитува сведоци – сегашни и поранешни раководители на разни институции во градот, членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е прв ваков протест пред полицијата, иако и претходно охриѓани биле повикувани на распит од СЈО за други предистражни постапки, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од полициски извори.
Неофицијално, распитот на околу 180 лица ќе трае и утре, а е поврзан со финансирањето на изборната кампања.