ВМРО-ДПМНЕ нема да кандидира свој кадар за градоначалник за Куманово и за Центар за претстојните Локални избори, туку ќе ги поддржи кандидатите на коалицискиот партнер ЗНАМ, одлучи Извршниот комитет (ИК) на синоќешната седница. Неофицијално, за Куманово кандидат на ЗНАМ ќе биде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, а за Центар Мирослав Лабудовиќ.
Кандидат на СДСМ за Куманово е Мартин Костовски, а за Центар актуелниот градоначалник Горан Герасимовски. Од независните кандидати, во Центар за градоначалничка е кандидирана Билјана Ивановска подржана од граѓанската иницијатива „Независни заедно“. Во Куманово има двајца независни кандидати, Горан Стојковски-Диро од граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“, и Нинослав Јакимовски.
На седницата ВМРО-ДПМНЕ утврди и кандидатите за градоначалници во 16 Општини. Иако се зборуваше дека владејачката партија нема да има кандидат за Кичево, синоќа од членовите на ИК бил предложен Александар Јовановски.
„Убедени сме во способноста на секој еден избран кандидат. Тоа се луѓе кои се докажани во своите области и сектори на работа“, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.
Меѓу кандидатите е и Ерџан Демир за Шуто Оризари, кој уште нема време да се докаже во својот сектор за работа, бидејќи беше примен во Македонска навигација (М-НАВ) пред само еден месец на компромитиран оглас, на кој се примаа само партиски кадри.
Другите кандадати се: за Општина Сопиште Јане Мицески, за Кичево Александар Јованоски, за Крива Паланка Оливер Алексовски, за Маврово и Ростуше Омер Јакупоски, за Кривогаштани Сашо Ронковски, за Крушево Нико Чонески, за Валандово Ѓоко Камчев, за Виница Митко Костадиновски, за Демир Хисар Никола Недоски, за Чешиново-Облешево Јордан Костадинов, за Радовиш Љупчо Почиганец, за Чашка Дејан Андоновски, за Прилеп Дејан Проданоски, за Струмица Петар Јанков, за Неготино Благој Ацев. За Кисела Вода, како што рече Сајкоски, уште траат анкетите и во најбрзо време ќе биде одлучено кој ќе биде кандидат.
Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.