Со 76 гласа „за“, вклучувајќи ѝ пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието на денешното продолжение на 53. седница ја усвои Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО. При гласањето, немаше „против“, ниту „воздржан“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев кажа дека членството во НАТО не значи дека во Македонија веднаш ќе тече мед и млеко.
„Навистина е придобивка да се биде член на овој сојуз, но истовремено е сериозна одговорност. Членството во НАТО не значи дека веднаш од исток и од југ, од запад и од север ќе се отворат славините и во Република Македонија ќе тече мед и млеко“, кажа Данев.
Во тек е пауза во Собранието, а седницата ќе продолжи по завршувањето на работата во неколку собраниски комисии.