ВМРО-ДПМНЕ И ВЛЕН РАЗГОВАРААТ ЗА ПРОМЕНА НА ДРЖАВНИОТ ГРБ ОТИ БИЛ ОД МИНАТИОТ СИСТЕМ, СДСМ ПРAШУВА ДАЛИ ЌЕ СЕ МЕНУВА И ХИМНАТА

    ВМРО-ДПМНЕ И ВЛЕН РАЗГОВАРААТ ЗА ПРОМЕНА НА ДРЖАВНИОТ ГРБ ОТИ БИЛ ОД МИНАТИОТ СИСТЕМ, СДСМ ПРAШУВА ДАЛИ ЌЕ СЕ МЕНУВА И ХИМНАТАПремиерот Христијан Мицкоски вчера ,одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека прашањето за промена на државниот грб е отворено во владината коалиција.

    Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека е против промена на грбот на државата, како што планираат  ВМРО-ДПМНЕ и Влен. По вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека ова прашање е отворено во владината коалиција, Филипче денеска праша дали се планира промена и на химната.

    „Дали ВМРО-ДПМНЕ збори со Влен и за промена на химната? Сметаме дека нема потреба од нови етнички поделби. Ако има ваков предлог ние како партија ќе бидеме против“, рече денеска Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг со новинари.

    Актуелниот грб на земјава е во употреба со мали модификации уште од 27 јули 1946 кога е создаден грбот на Народна Република Македонија, a на 16 ноември 2009 е отстранета црвената петокрака.

    Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарско прашање, кажа ова прашање е отворено во владината коалиција.

    „Знам дека имаше договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за промена на државниот грб, тоа беше пред неколку години, ако не се лажам во 2014, 2015 година. Ние ова прашање го отворивме и ценам дека ние сме една од двете држави постсоцијалистички коишто се уште државниот грб го имаат оној стариот со некои модификации. Но, кратко да кажам: имаше договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога бевме во иста влада, кога таа влада ја водеше Никола Груевски“, рече Мицкоски.

    Во 2014 промена на грбот предложи Владата на Никола Груевски, но не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка. Предложениот грб беше со разјарен црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Тогашната власт рече дека беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од социјалистичката хералдика.

    Градоначалникот на Тетово и претседател на партијата Беса, Биљал Касами денеска изјави дека државниот грб е наследство од минатиот систем, а со новиот грб би се рефлектирала сегашната реалност на државата.

    „Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија. Подготвени сме да разговараме и сигурно дека тоа ќе биде во транспарентен процес, согласно Уставот и законите“, Касами.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира