Во Белград е уапсен 18-годишниот скопјанец Саит Саитов, кој возејќи без возачка дозвола на 9 јануари удри и усмрти жена во скопски Капиштец и ја напушти државата, соопшти Министерството за внатршени работи (МВР)
„На 11.02.2026 од страна на надлежните служби во Србија известени сме дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела Против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и Неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.01.2026. На Саитов му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата и негово соодветно санкционирање“, соопшти МВР.
Според истрагата, Саитов возел „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт без важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. Наместо да застане и да ѝ помогне на повредената жена, тој веднаш избегал од местото. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар, каде подоцна починала од тешките повреди. Обвинителството кажа дека во бегството му помогнале маж и жена, кои со свој автомобил го пренеле преку граничниот премин Табановце. Тие биле уапсени откако се вратиле во земјава, а јавниот обвинител до судија на претходна постапка бараше нивно притворање.
