ВО ДОМАШНИТЕ БОЛНИЦИ СЕ ЛЕКУВААТ 54 ПАЦИЕНТИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, 6 ОД ТИЕ ВО СТРАНСТВО СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА

    ВО ДОМАШНИТЕ БОЛНИЦИ СЕ ЛЕКУВААТ 54 ПАЦИЕНТИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, 6 ОД ТИЕ ВО СТРАНСТВО СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБАВо однос на повредите на пациентите кои се лекуваат во земјава, Таравари рече дека главно станува збор за изгореници, скршеници и изгореници на слузокожата на дишните патишта. (Фото: СДК.МК)

    Во болниците во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти од пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Информацијата ја соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари, по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите.

    Според Таравари, во Клинички центар се лекуваат 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ 11 пациенти, во Градската општа болница 10 пациенти, а на приватните клиники се лекуваат 6 пациенти. Вчера, 10 пациенти беа пуштени на домашно лекување.

    Министерот информираше дека 115 пациенти се лекуваат во странство. Пет од нив се очекува да се вратат во земјава идната недела. По тријажата во болниците во Скопје ќе се одлучи дали ќе бидат задржани на лекување или ќе бидат пуштени дома.

    Таравари нагласи дека 6 пациенти се во критична состојба, додека останатите 109 се во релативно добра состојба. Сепак, тој предупреди дека можни се непредвидени компликации.

    „Добрата вест е што бројот на критични пациенти се намалува. Се надеваме дека нема да има зголемување на оваа бројка“, изјави Таравари.

    Тој додаде дека се планира дел од пациентите од странство да се вратат со комерцијални летови.

    „Од Италија планираме еден испис, од Шпанија два, од Шведска еден и од Австрија два. Ова е планот, но не е дефинитивен. Ќе подготвиме протоколи за третман на пациентите, кои ќе бидат објавени транспарентно“, рече Таравари.

    Во однос на повредите на пациентите кои се лекуваат во земјава, Таравари рече дека главно станува збор за изгореници, скршеници и изгореници на слузокожата на дишните патишта.

    „Генерално се изгореници, а кај дел имаме и скршеници кои бараат оперативен третман. Исто така, имаме и пациенти со изгореници на дишните патишта и токсичност“, рече Таравари.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира