Парламентарното мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на пладне ќе почне расправа за пет интерпелации за членови на Судскиот совет, избрани од Собранието пред пет години.
Интерпелациите не се обврзувачки, и да се изгласаат, петтемина членови не мора да си дадат оставки. Ним и онака им истекуваат мандатите.
Но, најголемата небулоза е дека кај првопријавената, експретседателката Весна Дамева, причина за интерпелација е „незаконското разрешување на претседателката Весна Дамева од страна на потпретседателот Селим Адеми”.
„Кога Весна Дамева го водеше Судскиот совет, целата македонска јавност беше сведок на уште еден скандал кој несомнено придонесе кон дополнително нарушување на довербата во судството. Станува збор за скандалозното ‘разрешување’ на Весна Дамева, како претседател на Судски совет, од страна на нејзиниот заменик Селим Адеми кој исто така на 12.12.2019 година е избран за член на судскиот совет од страна на Собранието, заедно со Весна Дамева, без никаква процедура, спротивно на Уставот, Законот и Деловникот на Судскиот совет. Ова беше нотирано и во Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2023 година. Мора да се напомене и дека граѓанските организации и правните експерти го осудија овој чекор без преседан и ги повикаа сите членови на Советот да си поднесат оставки“, се вели во предложената интерпелација за Дамева.
И за Адеми има интерпелација, како и за Миљазим Мистафа, Тања Чачарова-Илиевска и Павлина Црвенковска.
Сите овие беа од страната на Селим Адеми и гласаа за разрешување на Дамева без законска у уставна процедура.
Потоа Дамева ги победи на суд. Управниот суд пресуди во нејзина корист, ја врати на претседателското место, а сите што гласаа за незаконскиот чин, не си поднесоа оставки.
Во сите пет интерпелации има ист текст.
С. К. ДЕЛЕВСКА