ВО КАМПОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА ИМА 28 БЕГАЛЦИ, СЕ ОДБЕЛЕЖУВА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА БЕГАЛЦИТЕ

    ВО КАМПОТ ВО ГЕВГЕЛИЈА ИМА 28 БЕГАЛЦИ, СЕ ОДБЕЛЕЖУВА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА БЕГАЛЦИТЕВо бегалскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија има 28 бегалци од кои 10 се деца.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Во земјава има 28 бегалци од кои 10 се деца, кажаа денес од бегалскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија, на одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците. За подигнување на свеста за правата на бегалците и солидарност со нив, во организација на Министерството за надворешни работи, УНХЦР и Град Скопје тврдината Кале од вечерва до крајот на овој месец ќе биде осветлена во сина боја.

    Дете од Авганистан си игра со кучиња во бегалскиот камп во Гевгелја (Фото: Ѓ. Личовски)

    Народниот правобранител по повод Меѓународниот ден на бегалците, изрази загриженост што и во текот на изминатата 2018 продолжија да се провлекуваат истите проблеми што беа нотирани изминатите години.

    „Во Република Северна Македонија и натаму се спроведуваат колективни депортации на лица бегалци, без притоа да бидат почитувани официјални процедури. Она што особено загрижува е фактот што и покрај укажувањата на Народниот правобранител да не се задржуваат малолетни лица во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, сепак беа нотирани случаи на задржување на малолетни лица, без притоа да бидат употребени други посоодветни алтернативи на задржување. Народниот правобранител констатира дека во текот на 2018 , ниту едно лице барател на азил се нема стекнато со статус на признаен бегалец, а евидентен е и проблемот со реализацијата на планот и програмата за интеграција на лицата бегалци во Република Северна Македонија. Токму затоа, апелира за подигање на јавната свест во однос на придонесот што бегалците го даваат на општествата и заедниците кои ги примаат, и воедно укажува на потребата од зајакнување на системот на правна заштита и остварување на правата на бегалците коишто се сместени во прифатните центри во државата“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети.

    Меѓународниот ден на бегалците 20 јуни денеска се одбележа и на Правниот факултет во Скопје, каде беа доделени наградите за професионално известување за состојбата на бегалците за 2018 година. Добитници на наградите се Јасмина Јакимовска од Радио МОФ и Катерина Топалова од МТВ.

    Претставничката на УНХЦР во Скопје Моника Сандри, во своето обраќање, кажа дека настанот ги  спојува двете страсти на УНХЦР, правата на бегалците и свесноста за тие права и дека новинарството е поле во кое треба да инвестираме со цел да го поддржиме професионалното и чувствително известување за едни од најранливите луѓе на планетата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира