Во скопското село Копаница во општина Сарај е најдено тело на 37-годишна жена со прострелна рана во главата од пиштолот на нејзиниот сопруг, што бил крај неа. Дали е самоубиство или не, допрва ќе истражува Скопското обвинителство, кое сепак побарало притвор од сопругот на починатата, затоа што пиштолот бил негов. Го поседувал без дозвола.
„Јавен обвинител Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на СВР Скопје извршија увид на лице место во с. Копаница, скопско, каде беше пронајдено тело на почината 37-годишна жена со прострелна рана во главата. По наредба на јавниот обвинител телото на починатата е дадено на обдукција, а се преземаат и други мерки и активности за целосно расчистување на случајот. Покрај телото е пронајден пиштол ‘глок 19’, сопственост на нејзиниот сопруг“, вели Обвинителството.
Сопругот веднаш бил приведен, а обвинителот донел наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали, по член 396 од Кривичниот законик.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот и притворската мерка е прифатена од Судот. Во меѓувреме, ОЈО Скопје и СВР Скопје продолжуваат да постапуваат за целосно испитување на настанот“, вели Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА



