ВО КОВИД КРИЗА МАКЕДОНИЈА ЈА ЗГОЛЕМИ ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА СО БРИТАНИЈА, КИНА И РУСИЈА

    ВО КОВИД КРИЗА МАКЕДОНИЈА ЈА ЗГОЛЕМИ ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА СО БРИТАНИЈА, КИНА И РУСИЈАНадворешната трговска размена во периодот од јануари до октомври 2020 година изнесува 10.7 милијарди евра. - Камиони на граничниот премин Богородица (Фото: СДК.МК)

    Во услови на пандемија и намалување на економската активност во целиот свет, Македонија ја зголеми трговската размена со четири земји, според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика за првите десет месеци од 2020 година. 

    Станува збор за Велика Британија, Кина, Русија и Хрватска, а со сите други имаме намалување на трговската размена.

    Со Велика Британија, која е наш втор по големина трговски партнер, трговската размена во периодот од јануари до октомври порасна од 923 милиони евра во 2019 година на 1,1 милијарди евра годинава. Велика Британија е само втората земја со која имаме трговска размена од над милијарда евра. Од оваа сума, 119 милиони евра отпаѓаат на извоз, а увезуваме стоки и услуги во вредност од 902 милиони евра.

    Со Велика Британија на 3 декември потпишавме Спогодба за партнерство, трговија и соработка, со која се зајакнува трговскиот однос помеѓу двете земји, откако земјата излезе од Европската унија. Македонија е најголемиот трговски партнер на Велика Британија од земјите од Западен Балкан.

    Со Кина, која е четврти по големина трговски партнер на Македонија, по Германија, Велика Британија и Србија, трговската размена порасна од 497 милиони евра на 532 милиони евра. И со Кина, како и со Велика Британија, увозот доминира, со 412 милиони евра, додека на извоз отпаѓаат 119 милиони евра.

    Со Русија, која е на 17. место на листата на земји со најголем обем на размена со Македонија, трговската размена порасна од 139 милиони евра на 153 милиони евра. И со Русија повеќе имаме увоз (113 милиони), отколку извоз (39 милиони). 

    Со Хрватска имаме зголемување на трговската размена од 132 милиони евра на 147 милиони евра. Од оваа сума, на извоз отпаѓаат 69 милиони евра, додека на увоз 78 милиони евра.

    И покрај намалување, Германија останува убедливо најголем трговски партнер на Македонија. Од ланските 3,3 милијарди евра, сумата е намалена на 2,8 милијарди евра, со тоа што со Германија имаме огромен суфицит. Извозот со Германија во првите десет месеци од 2020 година изнесува 2,1 милијарди евра, додека увозот изнесува 646 милиони евра.

    Вкупната вредност на надворешната трговска размена во периодот од јануари до октомври 2020 година изнесува 10.7 милијарди евра, што е намалување за 1,5 милијарди евра во однос на истиот период лани. Трговскиот дефицит за првите 10 месеци од годинава изнесува 1,4 милијарди евра.

    Македонија најмногу извезува катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и фероникел. Во увозот се најмногу застапени платина и легури на платина, необработени или во прав, нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали, плоснатовалани производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и други метали од платинска група и нивни легури, необработени или во облик на прав. 

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира