ВО ЛАТВИЈА И ТАЏИКИСТАН УАПСЕНИ ТРОЈЦА ОД МЕЃУНАРОДНАТА ГРУПА КОЈА ОГРАБИ СЕФОВИ ВО ДВЕ МАКЕДОНСКИ БАНКИ

    ВО ЛАТВИЈА И ТАЏИКИСТАН УАПСЕНИ ТРОЈЦА ОД МЕЃУНАРОДНАТА ГРУПА КОЈА ОГРАБИ СЕФОВИ ВО ДВЕ МАКЕДОНСКИ БАНКИКражбите се извршени во периодот од јули до ноември 2017 година. - Седиштето на Шпаркасе банка во Скопје (Фото: Шпаркасе)

    Обвинителството за организиран криминал отвори истрага против седуммина осомничени за ограбување сефови во две македонски банки, соопшти обвинителството. Станува збор за меѓународна криминална група составена од четворица украински државјани и по еден државјанин на Молдавија, Казахстан и на САД, од кои еден е веќе уапсен во Латвија, а двајца во Таџикистан.

    Како што соопштија од Обвинителството за организиран криминал, осомничените во Македонија извршиле 19 тешки кражби од граѓански сефови во филијали на Шпаркасе банка и на Централна кооперативна банка во Скопје. Притоа се стекнале со противправна имотна корист од 105.638.858 денари во пари, накит и други вредни предмети. Тие се осомничени дека ги сториле кривичните дела Тешка кражба и Злосторничко здружување.

    „Во периодот од јули до ноември 2017 година, осомничените извршиле закуп на граѓански сефови во различни банки на различни места во Скопје со цел да ги проценат околностите и системот на безбедност во банките. Притоа користеле лажни идентитети и во одреден период секојдневно ги посетувале филијалите во кои имале закупени сефови. Искористувајќи момент без присуство на службено лице, со специјални уреди ја снимале внатрешноста на бравите на сефовите и потоа изработувале клучеви–калаузи за нивно отворање. Одземените вредни предмети од сефовите биле изнесени од Република Македонија, поединечно од секој член на групата, на различни гранични премини и во различни временски периоди. Оваа криминална група на истиот начин извршила тешки кражби и во други земји“, се вели во соопштението.

    Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, преку меѓународна правна помош испрати барање за прибирање податоци и доказен материјал до надлежните институции во овие земји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира