Во Литванија почина 29-годишниот Александар Глигоровски, кој беше еден од повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во Кочани, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Тој е 61-та жртва во пожарот, од кои 6 деца, а од 193 повредени 25 се деца. Гавриловски имал 35 отсто изгореници од трет степен.
Глигоровски првично бил третиран во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, од каде на 17 март бил испратен на лекување во Литванија. Од почетокот бил во критична состојба, на 4 април се влошила, вчера бил ставен на хемодијализа и денес во 11 часот почина.
Таравари кажа дека во странство се лекуваат 66 пациенти, од кои двајца се во критична соостојба, а во Македонија се лекуваат 10 пациенти.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од ПС Кочани. Двајцата ексградоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев се во куќен притвор, а актуелниот во оставка Љупчо Папазов е во затворски притвор. Тројца осомничени кои се повредени се во болница.
Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, од високите носители на функции во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.
Б. НЕСТОРОСКА