Од денес во 10 градови низ земјава ќе има мобилни единици за бесплатен и анонимен скрининг за детектирање на болести на црн дроб. Националната кампања денес на скопскиот Плоштад Македонија ја најави министерот за здравство Азир Алиу, во чест на 28 јули, Светски ден на борба против хепатитис. Како дел од превентивната програма за годинава се спроведува скрининг за хепатоцелуларен карцином.
Денес од 18 до 20:30 часот мобилна амбуланта ќе биде поставена во Куманово, а во следните денови во:
30 јули Тетово: 10:00–12:30 / Гостивар: 18:00–20:30
1 август Струга: 10:00–12:30 / Охрид: 18:00–20:30
4 август ѓ Битола: 10:00–12:30 / Прилеп: 18:00–20:30
6 август ѓ Штип: 10:00–12:30 / Гевгелија: 18:00–20:30
Граѓаните кои ќе дојдат добиваат стручен совет и, ако е потребно, ќе бидат упатени кон понатамошна специјализирана грижа.
Алиу изјави дека овие програми се многу важни за нив како институција и се дел од нивните политики во здравствениот систем.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали овие скрининзи ќе бидат дел од програма, рече дека вложените пари во здравството не ги гледа како трошок, туку како инвестиција. Според него, најдобра инвестиција е кога се превенира нешто, што е и целта на програмите и скрининзите.
Алиу дека работат интензивно за дигитализација на овие програми, бидејќи е многу битна временската рамка и пост скринингот, програмата односно следење на пациентот и навремено добивање на резултатите.
„За жал пациентите треба со месеци да чекаат за да добијат резултат што е надвор од скрининг програмата. Можеби може да се детектираат деформациите во моментот, а чекате пет шест месеци, а болеста можеби поминува од едно во друго ниво. Ќе вложиме напори за да може технички и инфраструктурно да се подобри ‘Мој термин’ односно времето за чекање на резултат. Работиме паралелно и да се намали листата на термини за преглед. Наскоро на прес-конференција ќе ја соопштиме новата методологија, која е при крај и новиот начин на креирање термини за преглед на пациенти“, додаде Алиу.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана рече дека во Македонија живеат илјадници пациенти со хепатитис и не знаат дека го имаат.
„Крајно време е скрининзите за хепатитис да бидат воведени и да ги има во поголем број за да може навреме да се открие болеста и да може соодветно да се лекува. Со поддршка на Министерството за здравство треба да се воведе рана дијагностика и да се инвестира во здравствените политики за да може пациентите да имаат и пристап до современата терапија. Тоа може да го направиме ако имаме добра волја и визија со поддршка на Министерството за да се воведе во здравствената политика и третманот кој е малку скап, но со заеднички сили може да влијаеме“, додаде д-р Цана.
Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, д-р Мери Трајковска кажа дека околу 40.000 пациенти се заразени со хепатит.
„ Тоа што е последица на хроничниот хепатит е развој на цироза на црниот дроб која пациентите не ја чувствуваат и на крај доаѓа развојот на хепатоцелуларниот карцином. Годинава благодарение на Министерството за здравство почнавме скрининг програма за рано откривање на хепатоцелуларниот карцином која вклучува прво откривање на пациенти со хепатит Б и Ц, а потоа и нивно редовно скринирање за да го спречиме развојот на цирозата, на хроничната болест и на хепатоцелуларниот карцином. Во денешно време има терапија и за хепатит Б и Ц и битно е да се направи скрининг на загрозената популација, на луѓето кои работат, на здравствените работници, на корисниците на дрога, сексуалните работнички и на затворениците“, додаде д-р Трајковска.