Низа неправилности покажа Ревизорскиот извештај за работата на Министерството за односи меѓу заедниците во 2024 година. Во Министерството фалат лаптопи, вработени земале плате, а не доаѓале на работа, се точело гориво со службена картичка за туѓи возила.
Поранешниот прв вицепремиер на Владата Артан Груби беше и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во периодот од 30 август 2020 до 23 јуни 2024, кога со стапување на власт на Владата на премиерот Христијан Мицкоски на оваа функција дојде Иван Стоиљковиќ.
„Од вклупно 957 основни средства како основни средства како компјутери, лаптопи, принтери, скенери, дигитални апарати, домашно кино, уметничка слика, ТВ апарати, 267 не се попишани од страна на пописната комисија од причина што не се пронајдени при вршењето на физичкиот попис. Во материјалната евиденција евидентирани се вкупно 88 преносни компјутери од кои 30 не се пронајдени со пописот на основни средства, од причина што Министерството нема воспоставена пракса за издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење. Во 2024 година преку лужбата за општи и заеднички работи (СОЗР) за потребите на вработените во Министерството, обезбедени се осум мобилни телефонски апарати кои не се евидентирани во финансиските извештаи на Министерството, ниту пак се попишани од страна на пописната комисија“, се вели во ревизорскиот извештај на Државнот завод за ревизија (ДЗР).
За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени во Министерството, исплатени се 165.010.000 денари, од кои за 150 вработени по Потпрограмата К5 -Соодветна и правична застапеност на заедниците и како преведувачи. Од оваа програма за 61% од вработените, исплата на плата се врши без да се обезбеди доказ за присутност на работа и за полно работно време, и покрај воспоставената електронска евиденција на работното време за вработените.
За реализација на договорите за јавни набавки ревизорите констатирале дека во известувачкиот период на име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516.000 денари, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила кои не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас кој не е предвиден како вид на гориво во склучениот договор за набавка.



