ВО МОБИЛНИОТ НА БОКИ 13 ФАТЕНА ВИБЕР ПОРАКА ОД ОСОМНИЧЕНА КОЈА НАПИШАЛА 3.000, 5.000, 10.000

    ВО МОБИЛНИОТ НА БОКИ 13 ФАТЕНА ВИБЕР ПОРАКА ОД ОСОМНИЧЕНА КОЈА НАПИШАЛА 3.000, 5.000, 10.000Првоосомничениот Бојан Јовановски - Боки 13 со осомничените во „Рекет“ најчесто комуницирал по вибер и притоа ги зачувал сите дописки. Јовановски во Апелациониот суд Скопје (Фото: К. Попов)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција за истрагата „Рекет“ има во раце вибер пораки испратени од една од осомничените за измамите од Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13 со суми: 3.000, 5.000, 10.000 и други суми со заокружени бројки илјади, најдени во неговиот мобилен телефон. Обвинителството, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, претпоставува дека се работи за илјади евра и ќе истражува со која цел осомничената ги напишала и му ги испратила токму на првоосомничениот Боки 13.

    Дека вештачењето на мобилниот телефон на Боки 13 е ризница од готови податоци што ѝ требаат на истрагата, покажа и случајот со поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева во првиот дел од истрагата, кој веќе резултираше со обвинение. Токму со вештачењето на овој телефон, била откриена сумата од 50.000 евра која Јанева ја зела од милионот и пол евра што ги зел Јовановски од Орце Камчев, за да му ја олесни положбата во истрагата „Империја“, кај што е првоосомничен за перење пари.

    За истата осомничена, како што дознаваме од истрагата, има тврдење од оштетен бизнисмен кој му дал неколку стотини илјади евра на Меѓународниот сојуз, дека никогаш не би му дал баш на Боки 13 пари, ако таа не била присутна и не седела до него буквално на сите средби и убедувања да ги инвестира таму своите пари.

    Според информациите од Обвинителството, вториот дел од истрагата нема да завршува следниве недели. Наредните денови ќе се истражуваат наодите на Управата за јавни приходи, која минатава недела најави три кривични пријави за затајување данок од  фирмите поврзани со првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски. УЈП открила затајување данок во БМЈ груп, Меѓународен сојуз и Томато продукција, а контрола извршила и во 1ТВ.

    Во Меѓународниот сојуз, чиј  претседател беше Боки 13, УЈП при контролата забележала дека  не се приложени документи за ваучерите за одредени семејства за кои биле исплаќани средства со што бил сокриен приходот. Инспекторите откриле договор меѓу Јовановски  и компаниите „Дрим Билдинг“ и ГП „Пелистер“ за изградба на Европски комплекс, а парите кои требало да ги добие Сојузот, биле префрлени на физички лица односно на личните сметки на осомничените Јасна Мандиќ (потпретседател на Сојузот) и пензионерката Лилјана Тодоровска.

    Во БМЈ Груп, УЈП при контролата забележала префрлање на пари од 1ТВ за набавка на опрема, но не била издадена фактура со што не бил пресметан данок. БМЈ Груп не евидентирале фактури и за концертите на Северина и Марија Шерифовиќ со што не го искажале приходот и нема пресметка на ДДВ.

    Инспектори на Управата извршиле контрола и во Томато продукција која за 4.000 евра месечна закупнина му го издавала објектот на Боки 13 за потребите на телевизијата. Во Томато, пак, нашле затајување на данок при побарувањата на сопственикот на Томато од сопственичката на земјиштето која му била сопруга без да и биде доставена фактура.

    УЈП рече дека врши контрола во уште една фирма, која била поврзана со овие три фирми и дека ќе направи контрола на физичките даночни обврзници што работеле со овие фирми.

    Во вториот дел од „Рекет“, кој се однесува на перење пари и измами од страна на Меѓународниот сојуз, осомничени засега се Јовановски, Мандиќ, нејзината секретарка и потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска – Ременски од СДСМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира