ВО ОХРИД СМЕ КАКО ВО МАГИЈА, ВЕЛАТ ЛЕГЕНДИТЕ ОД „ФОРПЛЕЈ“

    ВО ОХРИД СМЕ КАКО ВО МАГИЈА, ВЕЛАТ ЛЕГЕНДИТЕ ОД „ФОРПЛЕЈ“Боб Џејмс (клавијатури), Нејтан Ист (бас), Чак Лоеб (гитара) и Харви Мејсен (тапани) по концертот во Античкиот театар на отварањето на Охридско лето велат дека си одат со полни гради од публиката која ги пречека полна со радост, емпатија и убавина (Фото: МИА)

    Легендарните музичари, секој за себе посебен, од светски познатиот џез состав „Форплеј“ кој синоќа го отвори Охридското лето со Македонската филхармонија, веќе трет ден се во Охрид и велат оти овде се просветлија. Посветено, тивко и заинтересирано тие денеска го шетаа стариот град и црквите, а попладнево заминаа за Св.Наум. Со катамаран дојдоа до Св. Јован Канео од каде што ја почнаа турата.

    Со шепот, да не се наруши духовниот мир  за кој тие со посебна почит говорат, ни рекоа дека престојот во Охрид им е магичен.

    „Овде е сѐ магично, а тоа чувство доаѓа од релаксираноста, уживањето, среќата, љубовта. Сите тие работи се овде околу нас. Сето тоа пак, на волшебен начин спиритуално ги поврзува нашите души со човечката цивилизација. Овде е магично“.

    На отварањето на Охридско лето синоќа беа и министерката Радмила Шеќеринска, евроамбасадорот Самуел Жбогар и американскиот амбасадор Џес Бејли

    Американските музичари се воодушевени и од синоќешниот концерт, па покрај сите комплименти за Македонската филхармонија, додаваат оти е таа нешто повеќе од обичен симфониски оркестар. Боб Џејмс (клавијатури), Нејтан Ист (бас), Чак Лоеб (гитара) и Харви Мејсен (тапани) по концертот во Античкиот театар велат дека си одат со полни гради од публиката која ги пречека полна со радост, емпатија и убавина. Тие долго останаа зад сцената дружејќи се и потишувајќи автограми на нивни цедиња.

    Имресиите од Охрид музичарите ги заокружија со воодушевеноста од храната. Покрај неминовното макало кое го бараат на секој оброк велат„Нема нешто што не пробавме. Ова е најдобрата храна што сме вкусиле во нашите животи, чиста, здрава и сочна“.

    57.Охридско лето за прв пат се отвори со џез-концерт, и беше полн погодок, зашто се работеше за комерцијален смуд џез во комбинација со симфонсикиот оркестар на Македонската филхармонија, и веќе изверзираниот Џијан Емин како диригент и аранжер на ваков тип концерти.

    Самата церемонија на отворањето веќе не е долга како во некои изминати години, преводот на англиски оди на титл, а покрај покровителот, претседателот Ѓорге Иванов, годинава на отворањето по многу години публиката ја поздрави и министерот за култура, сега актуелниот Роберт Алаѓозовски. Во име на уметниците зборуваше актерот Мето Јовановски.

    Вечерва на Охридско лето е слободен ден, а фестивалот продолжува утре со балетот на Саша Евтимова и Македонската опера и балет, „Ла, ла, ла“, на музика од Драган Ѓаконовски-Шпато, Тодор и Дуке Бојаџиеви.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира